Љубовта, искрените емоции и животните ветувања добија своја музичка приказна во новата песна „Со тебе засекогаш“, најновиот проект на Легато Бенд од Струмица. Станува збор за моќна балада која за многу кратко време по објавувањето го привлече вниманието на публиката, а веќе се наметнува и како еден од омилените избори за првиот свадбен танц на младенците.

Композиција која ја слави љубовта, верноста и заедничкиот живот, а нејзината порака е пренесена преку искрени стихови и моќна мелодија која буди силни емоции уште при првото слушање. За квалитетот на ова музичко остварување се погрижи добро познатото име на македонската сцена Јордан Митев, кој се потпишува како автор и продуцент на песната и видеото. Неговото долгогодишно искуство и препознатлив музички печат уште еднаш резултираа со проект кој носи силна емоција и автентична приказна.

За визуелниот дел и постпродукцијата беше задолжен познатиот Зати, кој преку модерна и впечатлива продукција успеа да ја долови суштината на песната и љубовната порака што таа ја носи. Легато Бенд со години важи за еден од најангажираните и најбараните бендови во Македонија. Нивните настапи се препознатливи по врвната музичка изведба и непосредната комуникација со публиката, а зад себе имаат бројни фестивалски настапи и успешни музички проекти.

Сепак, членовите на бендот не кријат дека токму „Со тебе засекогаш“ за нив претставува еден од најзначајните проекти реализирани досега. Текстот на песната е исполнет со искрени ветувања и љубовни завети, а рефренот ја носи централната порака за безусловна љубов, доверба и посветеност меѓу двајца луѓе. Токму затоа многумина веќе ја нарекуваат новата свадбена химна која ќе одекнува на бројни веселби и свадбени церемонии во периодот што следува.

Инаку, покрај овој проект, Јордан Митев деновиве ја претстави и песната „Песна за Калуѓерица“, музичко дело со сосема поинаква тематика, инспирирано од животот на печалбарите и македонската дијаспора во Швајцарија. Со тоа уште еднаш потврди дека успешно создава музички приказни кои допираат до различни генерации и животни судбини. Со „Со тебе засекогаш“, Легато Бенд испраќа јасна порака дека вистинската љубов никогаш не излегува од мода, а според првите реакции на публиката, оваа песна има сѐ што е потребно да стане еден од најслушаните љубовни хитови оваа година.







