Радио Милева кумановска ѕвезда...

Бобан Зафировски во „Никогаш не е доцна: Боби – „Амадеус“ го пееше Тоше, па ги разнежни Наум Петрески и Гоца Тржан кои беа во жирито (ВИДЕО)

Бобан Зафировски во „Никогаш не е доцна: Боби – „Амадеус“ го пееше Тоше, па ги разнежни Наум Петрески и Гоца Тржан кои беа во жирито (ВИДЕО)

Во четвртата рунда регионалното талент  шоу за искусни, „Никогаш не е доцна“, се претстави Македонецот Бобан Зафировски, попознат како Боби – Амадеус, кој беше особено среќен што неговиот сонародник, македонската пејачка фолк легенда Наум Петрески, беше во жирито.

Веднаш по појавувањето на Бобан на сцената, Наум истакна дека е радосен што го гледа во шоуто, и дека ги гледал неговите настапи во претходните изданија.

„Еве се гледаме тука по Куманово, Скопје и така натаму. Прекрасно ја носиш таа кумановска музика, и сакам вечерва да се претставиш на најубав можен начин, во најдобро светло“ – рече Наум.

 

За ова коло, Бобан ја избра традиционалната македонска песна „Ој девојче, девојче“, која некогаш ја испеа легендарниот Тоше Проески.

Во придружба на оркестарот на  „Никогаш не е доцна“ и одличните придружни вокали на Сара и Лена, оваа песна звучеше магично, што му донесе на Зафировски многу комплименти.

„Целиот Балкан знае дека Тоше беше моја слабост и мој ученик, па затоа оваа песна е најдобрата што некогаш ја направи како преработка, а Боби ја донесе во сјајно светло. Браво Боби“ – коментираше Наум.

Гоца Тржан продолжи со коментарот велејќи дека Тоше бил нејзин пријател и брат и дека секогаш добива грутка во грлото кога ќе чуе нешто што тој го снимил и направил.

„Ова беше голем залак и ти честитам што воопшто се осмели да ја испееш оваа песна и секоја чест. Но, морам да му честитам и на оркестарот, бидејќи никогаш не сум слушнала нешто да звучи вака, не знам што направивте“ – додаде Гоца.

„Браво за сите, го погодивте. Таква песна со ваков оркестар беше навистина ефектно, а ти направи многу добар избор“ – беа зборовите на Саша Милошевиќ Маре.

Во ревијалниот дел, Бобан го отпеа со помош на Немања Радошевиќ познатиот хит на Жељко Јоксимовиќ и Дино Мерлин, „Супермен“, со што уште еднаш потврди зошто се смета за еден од најдобрите пејачи и најголеми фаворити во оваа сезона.

Настапот на Боби – Амадеус погледнете го на 32:55 минути, во видеото подолу каде е целата емисија од ова издание на „Никогаш не е доцна“…

Фото и видео: Nikad nije kasno/Цела емисија 32 (26.04.2026)

To top