Утринава, петок, 08 август 2025 г.на социјалните мрежи осамна тажната вест за прераното заминување на уште еден македонски рок музичар и пејач, Петар Исиров Пјотр. „Тивкиот бунтовник“, кого сите го познаваа под прекарот Перо Кокер, зашто славниот англиски пејач несомнено му беше идол, а неговата музика водилка.

Пјотор беше култен лик на македонската репродуктивна сцена, настапувајќи над 30 години по ноќните клубови и кафулињата со различни придружни музичари иако имаше издадено и свои авторски песни. Иако не издаваше албуми, Пјотр го пееше првенствено она што тој го сака како музика, најмногу блузот и рок ен ролот, Џо Кокер, Леонард Коен, Битлси, Дејвид Ли Рот, Инексес, Ваја Кон Диос… Можеби ниту една најнова „ин“ песна во неговиот репертоар, но затоа класиците на кои почиваат темелите на популарната музика ги имаше во малиот прст. Со својот длабок на моменти подзарипнат глас, занеше да ја пренесе магијата на најголемите светски музички ѕвезди и нивните безвременски хитови, будејќи ги најдлабоките чувства кај клубската публика.

Минатата 2024 година во рамкте на одбележувањето на мини јубилејот – 5 години од постоењето на „Котон блуз фестивал“ во култниот скопски клуб „Маракана“ Пјотр и деветчлениот бенд на бината составен од искусни музичари, женските придружни вокали и дувачката секција, ја славеше музиката на Џо Кокер. Исиров и бендот тогаш поминаа низ хитовскиот репертоар на Кокер со многу автентичност и емоции, а патем беа вклучени и обработки на познати теми од Леонард Коен, „Инексес“ и „Битлс“.

Кога некој не би ги гледал туку само би ја слушал само музиката би рекол дека се разботи за концерт на Џо Кокер и неговиот бенд.
За жал утринава по веста за неговото прерано заминување, познатите македонски музичари, пејачи, ДЈ-и и останатите музички ѕвезди преку социјалните се простуваат од својот колега, другар и пријател Пјотр.

„Пјотр Исиров – бунтовник , хипик , рокер , “Кокер” , Џокер , ноќна птица , и ловец и плен – во блузот на градот заглавен , тлее и живее за секоја секунда да пее , за сите другар – за себе си без никаков ќар …. Почивај во мир друже , светол ти патот кон небото..
Сочувство до Нина и Павел!“ – сподели Петар Ренџов на својот ФБ профил.

„Ах бре Петре… Вечно ќе те памтам… Збогум!“ – кусо споделила пејачката и ДЈ Вера Јанковиќ заедно со фотографии од некои од нивните заеднички настапи и дружења.

Македонската пејачка Елена Петреска која сега со семејството живее и работи во Белгија, се прости од колегата.

Таа со тага заради неговото ненадејно, прерано заминување се потсети дека токму Пјотр бил човекот кој е најзаслужен за таа да почне со настапи по ноќните локали.

„Почивај во мир Пјотар.
Вечно ќе ти бидам благодарна што беше “виновникот” да почнам со настапи.
Беше непресушен извор на бројни приказни, прочитани книги и животни искуства.
Навистина ми е жал“ – споделила Елена заедно со неколку фотографии и видео од еден нивни настап.
Музичарот, пејач и магионичар Георги Гавровски познат како Гого Реквием кој беше близок пријател со Петар исиров болно ја прими веста за неговата смрт.
„Беше голема чест и привилегија да те имам за другар, пријател, колега… Колку свирки, дружби во последните 30-ина години.Секогаш позитивен и насмеан.Нека ти е лесна земја скопска, легендо. Почивај во мир Перо Кокер… Срце ми се кине“ – споделил тој на неговиот ФБ покрај заедничката фотографија со починатиот колега

Нора Шаќири Марковиќ исто така со кус пост во вид на последен поздрав го испраќа својот пријател, онака каков што го памети…
„Светол нека ти е патот бато Пјотр…
Смеј се и таму гласно, пеј само ко што ти знаеш…
Cheers Пјотр, знам дека сакаш вака да те испратиме…“!

Како последен поздрав кон Пјотр од редакцијата на Вистина.ком.мк една од ретките зачувани аудио снимки на неговата авторска песна „На кафе со ѓаволот“…
Фото: Социјални мрежи/Фејсбук/Инстаграм/cottonbluesfest







