Во денешно време е многу тешко да се одржи автентичноста и доследноста особено во поп музиката, бидејќи има се повеќе нови музички жанрови на кои ретко кој може да им одолее. И покрај тоа, македонскиот учесник во „Ѕвездите на Гранд“, охриѓанецот Александар Јосифовски успеа да си остане верен на себе, не само во музичка смисла, туку и кога станува збор за визуелниот идентитет.
„Генерално рокот е она што го чувствувам, овој стил и се што носи овој вид музика со себе е она што го обожавам уште од дете. Сакам да носам многу прстени и ланци на себе, да ѕвонам додека одам (се смее). Уживам во рок верзијата од себе“ – признава талентираниот Македонец.
Круна на неговата досегашна кариера, освен успехот во најпопуларното регионално музичко талент шоу, дефинитивно е и американската турнеја која неодамна ја одработе со веројатно најголемата балканска музичка ѕвезда, Лепа Брена.
„Еден месец пред турнејата ми се јавија да ме прашаат дали сум слободен и ми рекоа дали сакам појдам со Лепа Брена на турнеја низ САД. Реков само: „Лелееее!“
„Морам да кажам дека додека ги правевме тие први концерти и патувавме од град во град ми беше многу заморно, навистина се срамев да кажам дека сум уморен, за разлика од таа жена која има таква енергија!“ – откри Јосифовски, кој и покрај успесите што ги постигнува, постојано крои и нови планови и си поставува нови цели во кариерата.
„Имам нешто ново во фиоката, ама засега ќе ја промовирам песната и дуетот со Белма, но сигурно ќе има изненадувања, сто проценти!“ – остана мистериозен Александар.
Фото: Инстаграм принтскрин/alexandarjosifovski