Младата и талентирана македонска пејачка Кристина Стрезоска повторно влегува во музичка акција! Овој пат со нова песна со интригантен наслов – „Иста грешка“, која веќе доби и своја визуелна приказна, па публиката може да ја слушне, но и да ја види Кристина во сосема ново светло.

Новото музичко издание, заедно со официјалниот видеоспот, премиерно беше објавено на 21 ноември на YouTube-каналот на IDJVideos, а зад него стои проверена авторско-продуцентска екипа. За музиката и аранжманот се погрижил музичкиот продуцент Вански (Vanski), кој за текстот ги здружил силите со самата Кристина и Стефан Ефремов. Миксот го потпишуваат Вански и Андреј Ник, додека мастерингот е дело на Андреј Ник.

Ни визуелниот дел не е оставен на случајноста. Видеоспотот го режирал и продуцирал Зоран Стојановски – Зонде, а за изгледот на младата пејачка пред камерите се погрижил Давид Огњаноски.

Инаку, Стрезоска не е непознато име за љубителите на регионалната музичка сцена. Пошироката публика ја запозна преку популарното музичко натпреварување „IDJ Show“, каде што во третата сезона, во 2024 година, успеа да се пласира меѓу 12-те финалисти. Токму таму нејзиниот вокал и интерпретативните способности дојдоа до израз, а посебни пофалби доби за моќната изведба на „Proud“ од Тамара Тодевска.

По телевизиското натпреварување, Кристина не застана тука, туку продолжи да го трасира својот музички пат со авторски песни. Меѓу нив е и „Те губам“, зад чија музика стои Дарко Димитров, додека текстот го напиша Игор Џамбазов. Сега на ред е „Иста грешка“, со која младата пејачка прави уште еден чекор напред и се обидува да го освои вниманието на публиката. Дали оваа „грешка“ ќе ѝ донесе музички успех и ќе се претвори во нов регионален хит, останува да видиме.

Дотогаш, погледнете го новиот видеоспот на Кристина Стрезоска и слушнете ја „Иста грешка“!






