Тамара Тодевска ги разнежни своите верни обожаватели со својата најнова емотивна објава на социјалните мрежи, во пресрет на нејзиниот голем солистички концерт.
Споделувајќи видео од заеднички настап од пред 13 години на концертот на Игор Џамбазов во арената „Борис Трајковски“, Тамара се потсети на својот прерано починат пријател и колега Влатко Илиевски.

Со искрени зборови полни со носталгија и љубов, таа најави дека нивниот култен заеднички хит повторно ќе одекне во живо пред скопската публика.
„Гушни ме е песната со мојот Влатче. Пред 13 години заедно ја пеевме на концерт кај нашиот Џамбаз… ќе ја пеам и на 7 декември, со помош и поддршка од сите вас“, напиша Тамара во својата објава, придружена со емотикон на скршено срце.
Инаку, големиот солистички концерт на Тамара Тодевска, насловен „25 години љубов“, ќе се одржи на 7 декември со почеток во 20:00 часот во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Со овој аудио-визуелен спектакл, пејачката ќе одбележи четврт век успешна музичка кариера, но и премиерно во живо ќе го промовира својот нов албум „Кукла жива“, кој содржи десет нови композиции.
фото:Facebook/Tamara Todevska






