Најновиот филм на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ вчера имаше светска премиера во натпреварувачката програма на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио, фестивал од А-категорија.
-На Токио му дадовме шахта, а си земавме суши. Фер. Публиката дишеше со филмот. Се радувам што вака убаво го пуштивме во свет, изјави Манчевски по проекцијата во Токио.
По премиерата, режисерот и главните актери од филмот Сара Климоска и Филип Трајковиќ учествуваа и на разговор со публиката, јапонските и меѓународните медиуми. По премиерата на „Сестра, брат и шахта“ закажани се и дополнителни проекции на 2 и 3 ноември.
Филмот беше извонредно пречекан од токиската публика.
„Бев одушевена да видам ваква ентузијастичка реакција од гледачите“, изјави Кјоко Хирано, посетителка на премиерата. Гледачите кои поставуваа прашања потенцираа колку емотивно го доживеале филмот, колку е необична приказната и колку ги восхитила глумата. Разговорот го водеше легендарниот уметнички директор на фестивалот Шозо Ичијама. На почетокот тој се осврна на извонредните уметнички квалитети на филмот, кои го навеле да го покани на фестивалот, како и на социјалниот аспект на приказната. Прашањата на публиката беа многу специфични и конкретни, се однесуваа на детали од режисерската и актерската постапка и на пошироката тема на филмот, повторно со пофалби за необичниот пристап.
Сепак, аплаузите не беа крајот на премиерната вечер. По проекцијата и сесијата разговори, надвор од салата, пред Манчевски и актерите се формираше долга редица фанови, кои трпеливо чекаа за автограм и фотографија.
фото:МИА/©2026 TIFF и приватна архива





