Пред најголемиот концертен спектакл досега на двата најголеми оперски гласа што Македонија му ги подари на светот – Ана и Игор Дурловски, брачната двојка не запира! Напротив, подготовките за музичката вечер за паметење се во полн ек, а публиката ја очекува вистинско уживање во моќта на нивните гласови и раскошот на симфонискиот звук.
На 6 декември 2026 година, во СЦ „Јане Сандански“, Ана и Игор Дурловски че го исполнат својот „Завет“, заедно со 100 македонски музичари од големиот симфониски оркестар „Ајга“ и нивните пријатели, и ќе приредат ексклузивна концертна вечер во која ќе се спојат безвременските теми од филмската музика, ремек-делата на оперскиот репертоар и богатството на македонското музичко наследство – сите во комплетно нови аранжмани.

Во меѓувреме, додека Игор Дурловски ги освојува оперските сцени на далечниот Исток, во Кина, неговата сопруга Ана испишува нова страница во својата светска оперска кариера. Македонската оперска дива е пред уште еден колосален вокален предизвик, каков што можат да си дозволат само најдокажаните имиња на светската оперска сцена!

Имено, Ана во моментов ги финализира подготовките во Државниот театар во Минстер, Германија, каде што на 7-ми ноември ја очекува премиерата и големата гала-изведба на операта „Хофманови приказни“. А предизвикот е навистина импресивен – во една иста претстава таа ќе се трансформира во дури четири различни женски ликови!


Публиката ќе има можност да ја види како куклата-робот Олимпија, потоа како трагичната Антонија, која умира на сцената, како фаталната куртизана Џулиета, а на крајот и како примадоната Стела. Станува збор за четири улоги со сосема различни вокални и технички барања, кои вообичаено во светската оперска практика ги толкуваат различни пејачки. Но, Ана ги презема сите четири на свои плеќи, демонстрирајќи го својот извонреден вокален распон, сценска моќ и уметничка подготвеност.
View this post on Instagram
Паралелно со интензивните проби, на кои со колешката, мецосопранот Виолета Хебровска, го усовршува прочуениот дует „Баркарола“, Ана мислите ги насочува и кон големиот музички спектакл што ја очекува на домашен терен.
По настапите во Њујорк и Виена, како и актуелните ангажмани во Германија, на почетокот на декември таа се враќа во Скопје, каде што заедно со сопругот, македонскиот оперски бас Игор Дурловски, ќе го претстават грандиозниот заеднички проект „Завет“.

Придружувани од стотина музичари, Ана и Игор ќе приредат концерт што е многу повеќе од обичен музички настап – вистински завет кон сопствените корени, македонската музичка ризница и културното наследство.

ЗАВЕТ, кој овој брачен пар си го даде дека целото искуство собрано по светските сцени ќе се врати и ќе го претстави дома. Завет, дека македонскиот глас ќе се слушне насекаде низ светот. Завет за концерт кој доаѓа како круна на нивната 30 годишна работа и нивната љубов, еден кон друг и заедничката кон Македонија. За крајот на 2026-та еден е изборот, ЗАВЕТ – „од светот до изворот“. Настан што не се случува секој ден, светски спектакл со она што Македонија го има како најдобро, ЗАВЕТ со македонски уметници на македонско тло!
Фото и видео: Инстаграм/anadurlovski/theater-muenster.com






