Речиси 1.300 ретки грамофонски плочи на „Битлс“ од збирката на обожавател одат на продажба преку мултинационалната компанија „Дискогс“ (Discogs).
Платформата за колекционери на грамофонски плочи „Дискогс“ и независната продавница за плочи „Блек пластик рекордс“ (Black Plastic Records) од германскиот град Дортмунд ја продаваат колекцијата. За самиот колекционер – обожавател на „Битлси“ кој ја собирал збирката со десетлетија се знае многу малку. По неговата смрт, германската фирма ја откупила колекцијата од неговите наследници, по што плочите биле каталогизирани за продажба. Колекцијата содржи вкупно речиси 1.500 плочи, но во продажба ќе бидат понудени околу 1.300. Меѓу нив е и промотивниот сингл „Please Please Me“ од 1963 година, од којшто биле изработени само 250 примероци за британските радиостаници, пишува „Билборд“ (Billboard).
Во времето на „Битлманијата“, издавачките куќи во различни земји објавувале сопствени верзии на плочите – со различни обвивки, редослед на песните и / или етикети. Многу од нив биле објавени во мали тиражи и денес токму тие се барани меѓу колекционерите.
Во колекцијата се наоѓа и рано промотивно издание на синглот „From Me to You“ – првата песна на „Битлси“ што се искачила на првото место на британската музичка топ-листа, како и оригиналното британско моно-издание на нивниот деби-албум „Please Please Me“ од 1963 година, со црно-златната етикета на „Парлофон“. Валентин Губе – соосновач на продавницата „Блек пластик“, објаснува дека плочи на „Битлси“ има насекаде, бидејќи станува збор за најпродаваниот бенд на сите времиња.
– Проблемот е во тоа што плочите од 60-тите се купувале за слушање, а не за чување… Тие се пуштале на забави, се позајмувале меѓу пријателите и се слушале на неквалитетни грамофони, па затоа многу од нив денес се изгребани или имаат оштетени обвивки. Оттука, речиси неоштетен примерок претставува вистинска реткост, изјави Губе.
Рас Рајан – претставник на „Дискогс“, додава дека „колекција од 1.300 плочи на ‘Битлси’ не се собира случајно“. Во првите 10 дена колекцијата ќе се продава исклучиво преку „Дискогс“. Купувачите од Дортмунд ќе можат да ги разгледаат и лично да ги преземат плочите во продавницата. Цените не се објавени во соопштението. си/сд/
Фото: МИА архива






