Американската глумица Барбара Бери – инаку номинирана за „Оскар“, „Тони“ и „Еми“, почина вчера на 95-годишна возраст, во својот дом во Менхетн (Њујорк, САД). Како што за „Њујорк тајмс“ потврди нејзината ќерка, Џејн Харник, смртта настапила со медицинска помош, откако на филмската ветеранка ѝ бил дијагностициран краен стадиум на рак.
Родена во Чикаго во 1931 година, Барбара Ен Берман изгради кариера во театар, на филм и на телевизија. Во 1964., на Канскиот филмски фестивал таа ја доби наградата за најдобра глумица за еден од нејзините рани филмови, „Еден компир, два компира“ (One Potato, Two Potato). А пак, нејзината улога во филмот „Бегство / Четворица мангупи“ (Breaking Away, 1979) – во којшто глумеше мајка на тинејџер и жена со свои соништа, ѝ донесе номинација за „Оскар“. Кога ја повтори истата улога во телевизиската серија заснована на филмот, во 1981 година доби номинација за наградата „Еми“. Исто така, се појави и во филмовите „Војникот Бенџамин“ (Private Benjamin) и „Џуди Берлин“ (Judy Berlin).
На телевизија, таа остана запoмнeта по улогата на сопругата на капетанот во полициската серија „Барни Милер“ (Barney Miller), во којашто настапуваше од 1975. до 1978 година, како и по улогата на бабата на ликот на Брук Шилдс во серијата „Одеднаш, Сузан“ (Suddenly Susan). Има и втора номинација за „Еми“ – во 1992. – за епизодната улога во серијата „Закон и ред“ (Law & Order).
На Бродвеј, таа беше дел од оригиналната екипа на мјузиклот „Компанија“ (Company) од Стивен Сондхајм, во којшто прва ја толкуваше улогата на Сара, за што во 1970 година доби номинација за наградата „Тони“. Последен пат настапи на Бродвеј во 2017., во претставата „Другата половина“ (Significant Other). Во 1994., на Бери ѝ беше дијагностициран рак на ректумот, а за таа борба напиша две автобиографски книги: „Втор чин“ (Second Act) и „Не умирај од срам“ (Don’t Die of Embarrassment). Со години се залагаше за рано откривање на колоректалниот карцином – долго пред оваа тема да стане општопозната. Напиша и две книги за деца. Во 2014., таа јавно проговори за тоа дека боледува од идиопатска пулмонална фиброза.
Во приватниот живот, беше омажена за Џеј Харник, од 1964., а тој почина во 2007 година. Зад себе, таа ги остави ќерка сѝ Џејн, синот Арон и три внуци.
фото:en.wikipedia.org






