Фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Шкотска во Скопје донесе и една сосема неочекувана сцена која експресно ги освои симпатиите на публиката.
Додека на теренот се водеше голема фудбалска битка, еден четириножен „натрапник“ реши да стане дел од спектаклот! Куче истрча на тревникот и накратко го прекина натпреварот, предизвикувајќи насмевки и симпатии и кај македонските и кај шкотските навивачи.
Играта беше краткотрајно прекината, а ситуацијата предизвика смеа и во публиката. Шкотските навивачи веднаш ја искористија ситуацијата и почнаа да ја скандираат познатата песна „Who Let the Dogs Out“, што дополнително ја направи сцената хит на трибините. По неполна минута, кучето беше изведено од теренот, а натпреварот продолжи.
Но, приказната тука станува уште поубава…
Шкотските навивачи успеале да откријат дека кучето се вика Гаја, има околу две години и уште пред почетокот на натпреварот било забележано во близина на трибините. Подоцна, очигледно охрабрена од атмосферата, Гаја решила да направи и нешто што никој не го очекувал – да истрча право на фудбалскиот терен!

И додека многумина очекувале нејзината „фудбалска кариера“ да заврши со нејзиното симнување од теренот, се чини дека токму тогаш започнала една многу поубава приказна.
Од познатата навивачка група „The Tartan Army“ открија дека сопственичката на „Нано Бар“, локалот каде што престојувале голем број шкотски навивачи за време на посетата на Скопје, побарала нивна помош.
Целта? Гаја да добие вистински дом и семејство!
Идејата е ова преслатко куче да биде вдомено во Шкотска, а шкотските навивачи веќе размислуваат и за конкретна акција. Заедно со македонските поддржувачи би можеле да организираат собирање средства за сите трошоци околу нејзиното префрлање.
Така, кучето кое случајно се појави на теренот и за неколку минути стана главна атракција на натпреварот, можеби наскоро ќе започне сосема нов живот илјадници километри подалеку.
Од фудбалски терен во Скопје – до нов дом во Шкотска. Гаја дефинитивно знае како да привлече внимание!
Фото: x.com/CBSSportsGolazo/Тhe Tartan Army/АI-Gemini






