Македонската радио-телевизија денеска ги промовираше песната „Идната jас“ и нејзиниот официјален видеозапис, со кои Ана Стојаноска ќе ја претставува Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2026 во Малта.

„Идната jас“ е песна со силна и инспиративна порака за вербата во себе, детските соништа и храброста да останеме доследни на себеси додека растеме и го бараме сопствениот пат.
Автор на музиката е Николче Мицевски, додека текстот го потпишува Илчо Нечовски. Официјалниот видеозапис е реализиран во продукција на Македонската радио-телевизија и преку динамичен, колоритен и младешки визуелен израз ја надополнува пораката на песната.

Ана Стојаноска доаѓа од Струга и уште од најрана возраст ја покажува својата љубов кон музиката и пеењето. Со својот препознатлив глас, енергија и искреност, таа ќе ја пренесе пораката на „Идната jас“ пред европската публика.

На сцената во Малта, Ана ќе настапи заедно со танчерките Калина, Каја и Елена. За кореографијата е задолжен Илија Карадакоски, а македонската делегација ја предводи шефот на делегацијата, Дијана Гогова.

Македонскиот тим во следниот период продолжува со интензивни подготовки за сценскиот настап и за достоинствено претставување на земјата пред европската публика.
Јуниорскиот Евросонг 2026 ќе се одржи на 24 октомври во Малта. Македонската радио-телевизија ќе врши директен пренос од настанот со почеток од 21:00 часот на МРТ1.

Песната „Идната Јас“ и официјалниот видеозапис се достапни на дигиталните платформи и на официјалните канали на Македонската радио-телевизија, а вие можете да ја проследите од видеото во продолжение…






