Прилеп џез викенд годинава одбележува значаен јубилеј – 15 години од своето постоење. Од 1 до 3 октомври, Прилеп повторно ќе биде местото каде што ќе се соберат љубителите на алтернативната музика, џезот и независната културна сцена, а организаторите веќе ја објавија програмата за фестивалот.
Јубилејното издание ќе биде реализирано со поддршка на Општина Прилеп и Прилепска Пиварница, на кои организаторите јавно им се заблагодарија.
Џез викендот ќе започне во четврток, 1 октомври, кога на сцената во кино салата на НУЦК „Марко Цепенков“ од 22:30 часот ќе настапат легендарните Sethstat. Нивниот настап има посебна симболика, бидејќи токму тие беа дел од првата фестивалска вечер на првото издание на Прилеп џез викенд пред 15 години. Организаторите најавуваат дека не е исклучено публиката да слушне и дел од материјалот од нивниот нов албум.
Во рамките на првата вечер ќе настапат и Глигор Кондовски и Дориан Јовановиќ, дополнувајќи ја програмата со уште едно интересно музичко доживување.
Вториот ден од Прилеп џез викенд, 2 октомври, е резервиран за проектот „Џез за чудаци“, кој одамна изгради свој препознатлив идентитет благодарение на оригиналниот пристап, неконвенционалниот хумор и музиката која не признава жанровски граници. Организаторите најавуваат вечер исполнета со слобода, импровизација и поинакво музичко искуство – токму она по кое PJW е препознатлив. Џез викендот во Прилеп ќе биде затворен во сабота, 3 октомври, кога пред прилепската публика ќе настапат Пијан Славеј и Peach Vice, со што ќе биде заокружено јубилејното издание на фестивалот.

Програма на јубилејното 15. издание на Прилеп џез викенд 2026:
1 октомври (четврток)
- Sethstat
- Глигор Кондовски
- Дориан Јовановиќ
2 октомври (петок)
- Џез за чудаци
3 октомври (сабота)
- Пијан Славеј
- Peach Vice
Влезниците за фестивалот се веќе пуштени во продажба и можат да се набават во City Tobacco во центарот на Прилеп. Со јубилејното 15. издание, Прилеп џез викенд уште еднаш потврдува дека е повеќе од музички фестивал – тој е простор за авторска музика, слободна мисла и публика која веќе петнаесет години верува дека квалитетната музика секогаш ќе го пронајде својот пат.







