Младиот ракометар Андреј Јанески од Македонија, ја продолжува својата интернационална кариера од Швајцарија во Словачка.
Андреј ќе го носи дресот на Топличанин, откако во минатата сезона беше дел од Сухр Арау.
КУРИР ја следи и промовира кариерата на овој талентиран млад ракометар уште од неговите почетоци. Така и сега, по дознавањето на новите информации и успеси, стапивме во контакт со него и неговите родители.
Од нив го дознаваме патот кој овој талентиран Македонец од Прилеп го лансира во големата Швајцарија, па во Словачка.
-Уште додека тренирав во TV SOLOTHURN стапив во контакт со мојот сегашен ментор Давид Милорадовиќ, кој воедно е и организатор на кампот NO LIMIT. Бев поканет на тој камп да учествувам и таму работев со врвни имиња од ракометниот свет и од кои добив пофални зборови за мојот талент и моите играчки способности. По враќањето од кампот во Швајцарија добив понуда да играм во HSC SUHR AARAU која секако ја прифатив бидејќи тој клуб се натпреваруваше во повисока лига и во купот на EHF, вели Јанески за КУРИР.

Во тој клуб останува една сезона и се здобива со уште поголемо искуство. Летово се соочува со уште една понуда која не се одбива.
-Ова лето бев поканет на Кампот HSC TALENTS во Србија кој го организира Аким Комнениќ. И на овој камп имав чест да работам со врвни тренери и стручни лица од областа на ракометот. Во меѓувреме, јас бев во постојан контакт и со мојот ментор и мојот менаџер Лука Радовиќ од кого добивав информации дека неколку клубови од различни земји имаат интерес да заиграм во нивните клубови. На крај добив добра понуда од HKTO TOPOL’CANY која ја прифатив и одлучив да заминам и таму да ја продолжам мојата ракометна интернационална кариера, вели младиот ракометар во изјава за КУРИР.

Ова момче е родено во Прилеп и на само 7-годишна возраст почна да го исполнува својот сон – да биде ракометар. Тој сфати дека талентот бара постојано надоградување, многу труд и посветеност и неговата упорност му стана клучот до успехот.
Она што најмногу воодушевува кај Андреј е тоа што не дозволи светските клубови во кои игра да заборават од каде почнал. Токму во нашата Македонија го влече срцето.
Во едно од минатите интервјуа со него ни ја откри големата желба, еден ден да заигра под боите на македонското знаме. Македонија му е во срцето, каде и да живее.
Додека ниже успеси во клупски кариери ширум светот, му посакуваме да го задржи сонот и еден ден Андреј Јанески да биде дел од успешна македонска ракометна репрезентација.
Извор: Курир.мк
Фото: Приватна архива







