Вечерва почнува 83. Меѓународен филмски фестивал во Венеција („Мостра“) – со 21 филм во конкуренција за главната награда – „Златен лав“, и ќе трае до 12 септември.
Фестивалот ќе го отвори филмот во трка за главната награда – „Ink“ (Мастило) од режисерот Дени Бојл. Станува збор за приказната за медиумскиот могул Руперт Мардок и неговото преземање на весникот „Сан“. Главната улога на Мардок ја игра Гај Пирс. На 83-то издание на „Мостра“ ќе бидат прикажани и нови филмови од автори кои се редовни гости на фестивалот, меѓу кои Вернер Херцог, Хироказу Кореда, Ли Чанг-Донг и Нани Морети. Оваа година, „Мостра“ ќе ѝ оддаде почит и на легендарната американка старлета Мерилин Монро со прикажување на краток филм за неа, во којшто главните улоги ги играат Дакота Џонсон и Елен Бурстин.
Меги Гиленхал ќе претседава со жирито.
На црвениот тепих се очекуваат ѕвезди како – Роберт Патинсон, Пенелопе Круз, Алиша Викандер. Како што најави уметничкиот директор на „Мостра“, Алберто Барбера, членовите на британскиот бенд „Оејзис“, браќата Ноел и Лијам Галагер, исто така ќе присуствуваат на фестивалот.
Ирскиот режисер Мартин Мекдона, двократен добитник на „Сребрениот лав“ за најдобро сценарио за филмовите „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“ (2017) и „Самовилите од Инишерин“ (2022), се враќа во главната конкуренција со црната комедија „Дивиот коњ Девет“. Прикзната ја отелотворуваат Џон Малкович и Сем Роквел како двајца ветерани од ЦИА кои, во пресрет на државниот удар во Чиле во 1973 година, се испратени далеку од главните настани на Велигденските Острови.
Францускиот режисер Флоријан Зелер, кој последен пат беше актуелен со „Синот“, се враќа во конкуренција со психолошкиот трилер „Бункер“. Во филмот глумат Хавиер Бардем и Пенелопе Круз, како брачна двојка чија врска почнува да се распаѓа кога тој, познат архитект, прифаќа работа за изградба на бункер за милијардер.
Нани Морети се враќа на Фестивалот со романтичната драма „Ќе се случи вечерва“. Италијанскиот режисер – добитник на „Златна палма“ за „Собата на синот“ (2001), последен пат учествуваше на Венецискиот фестивал во 1989 година со „Паломбела роса“.
Елен Бурстин ќе го добие „Златниот лав“ за животно дело.
Минатогодишниот добитник на Златниот лав беше филмот „Татко, мајка, сестра, брат“ од американскиот режисер Џим Џармуш.
Италијанска „Мостра“ е еден од главните филмски фестивали во Европа, заедно со оние во Берлин, Германија и Кан, Франција. Фестивалот е основан од грофот Џузепе Волпи во 1932 година како дел од Венециското биенале. Од 1932 до 1942 година, главната награда на фестивалот, „Златниот лав“ беше наречена „Куп на Мусолини“, по тогашниот италијански фашистички диктатор Бенито Мусолини.
Наградата беше преименувана во „Златен лав“ во 1949 година, а првата награда со тој назив му припадна на францускиот филм „Манон“.
фото:Printscreen / Youtube / Masscom Global







