Мегафон Музички спектакл во Битола

Над 2.500 посетители на концертот на Влатко Миладиноски во Хераклеја

Античкиот театар беше исполнет со македонска песна и емоции, а публиката заедно со Влатко Миладиноски ги пееше неговите најпознати хитови.

Над 2.500 посетители на концертот на Влатко Миладиноски во Хераклеја

Влатко Миладиноски одржа голем концерт во Античкиот театар Хераклеја во Битола, кој привлече повеќе од 2.500 посетители од Битола и од повеќе градови низ Македонија.

Во преполниот антички локалитет, публиката уживаше во изведбата на најпознатите песни на Миладиноски, пеејќи заедно со него во текот на целата вечер. Концертот беше проследен со силни емоции и атмосфера која уште еднаш ја потврди популарноста на македонската народна музика меѓу сите генерации.

На сцената, Влатко Миладиноски настапи придружуван од оркестарот на Златко Миладиноски и повеќе од 30 музичари, кои придонесоа за богата музичка продукција. Како специјални гости настапија Спасен Сиљаноски, Дамјан Стојаноски и Дарко Стојаноски, како и уметници од Егејска Македонија.

Концертот понуди внимателно подготвена музичка програма, сценска продукција и изведби кои се вклопија во амбиентот на Хераклеја. Еден од највпечатливите моменти беше кога илјадниците присутни заедно ги пееја песните со изведувачите, создавајќи атмосфера што долго ќе се памети.

По концертите во Охрид и Скопје, Влатко Миладиноски продолжува со успешните настапи низ земјата, а концертот во Битола уште еднаш покажа дека неговата музика привлекува бројна публика и останува силен симбол на македонската народна традиција.

To top