Откако на предлог на претседателот Христијан Мицкоски беше избрана од Извршниот комитет за нова претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева веднаш ја започна својата теренска агенда со посети на општинските комитети низ државата.

При преземањето на функцијата, таа порача дека лидерството не започнува со титула, туку со подготвеноста да се преземе одговорност и да се создаваат нови можности за другите. Под мотото „Тргнуваме. За една повеќе…“, Митева деновиве ја продолжува турнејата низ општинските комитети, испраќајќи политички и општествени пораки.
Но, покрај настапите и јавните обраќања, Марија Митева сè почесто привлекува внимание и со својот внимателно избран моден стил. Нејзините комбинации се пример за современа деловна елеганција – едноставни, префинети и совршено усогласени со летните температури.

Така беше и при посетата на скопската општина Центар, каде што се појави во лежерна, но беспрекорно стилизирана модна комбинација. Белата ленена кошула со подвиткани ракави внесе свежина и софистицираност, додека модерните широки тексас фармерки му дадоа урбан и актуелен печат на изгледот. Целата комбинација беше надополнета со брендирани спортски патики, кои покажаа дека удобноста и елеганцијата можат совршено да одат рака под рака.

Впечатокот дополнително го заокружија дискретните минималистички обетки, класичниот женски часовник, елегантната алка и природно стилизираната средно долга пуштена коса. Со широка насмевка, самодоверба и непосреден пристап, Митева остави впечаток на жена која подеднакво уверливо ги носи и политичките обврски и модните трендови.

Нејзиниот изглед потсетува на естетиката на современите модни магазини – префинет, ненаметлив и внимателно избалансиран, а сепак доволно практичен за динамичен работен ден исполнет со средби и теренски активности.

Со ова модно издание, Марија Митева уште еднаш покажа дека современата политичарка не мора да избира помеѓу професионалноста и стилот. Напротив, со вистински моден избор и чувство за детали, можно е да се испрати порака на сигурност, елеганција и модерност, дури и во најжешките летни денови.

Фото: Фејсбук/Марија Митева




