„Жените и фотографијата“ е насловена изложбата која ќе се отвори на 6 март во 19 часот во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, во организација на Фото клубот „Куманово“.
„Фотографијата отсекогаш била медиум преку кој жените ги раскажуваат своите приказни, го изразуваат својот глас и ја споделуваат својата перспектива за светот. Од првите денови на оваа уметност, па сѐ до денес, фотографките успеваат да внесат длабочина, емотивност и уникатност во своите дела, надминувајќи ги бариерите и градејќи своја историја. Овие фотографии не само што сведочат за мајсторството на авторките, туку и ја потенцираат нивната способност да доловат емоции, светлина и моменти кои остануваат запаметени. ‘Жените и фотографијата‘ не е само изложба, таа е симбол на борбата за рамноправност, еднакви можности и за признание на жените во фотографската уметност“, велат организаторите.
Изложбата се организира по 12. пат по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената.