Мегафон враќање со нова соработка

Врчак и Симона на „Макфест 2026“ со „Сонце по дожд“ ја продолжуваат музичката приказна што започна пред години

Врчак и Симона на „Макфест 2026“ со „Сонце по дожд“ ја продолжуваат музичката приказна што започна пред години

Едно враќање на сцената, една стара музичка соработка и нова песна што по две години конечно ја доби својата фестивалска премиера. Раде Врчаковски – Врчак и Симона Поповска на 41. издание на „Макфест“ се претставија со дуетот „Сонце по дожд“, соработка која привлече внимание и поради враќањето на Врчак на македонската музичка сцена, но и поради повторното музичко обединување со Симона.

Нивната приказна не започнува сега, бидејќи соработуваат уште од времето кога Симона беше дел од продукцијата Република, а идејата за заедничката песна „Сонце по дожд“ постои веќе околу две години. Годинашниот „Макфест“ се покажа како одлична можност таа конечно да биде претставена пред публиката.

За Симона, повторната соработка со Врчак има посебно значење, пред сè поради долгогодишната професионална блискост и заедничкото музичко искуство.

„Ми беше огромна чест и радост повторно да соработувам со Врчак. Тој е одличен музичар и соработник, човек кој навистина се посветува на секој детаљ од песната, особено кога станува збор за аранжманот. Имаме заедничка музичка историја и многу ми е драго што повторно се сретнавме на една ваква песна. Идејата постои подолго време, а „Макфест“ беше прекрасен повод да ѝ дадеме живот и да ја споделиме со публиката“, вели Симона.

„Сонце по дожд“ е дел од пошироката музичка приказна што Врчак ја подготвува со најавениот нов албум. На него ќе се најдат дури три дуети со Симона Поповска, што покажува дека нивната соработка не е еднократна фестивалска средба, туку значаен дел од новиот музички проект на Врчаковски.

Со оваа песна, за која текстот и аранжманот ги направи самиот Врчак, додека музиката ја потпишува заедно со Лазар Цветковски, Симона повторно се поврзува со еден од музичарите кои оставија силен белег на домашната музичка сцена, а Врчак продолжува да го гради своето враќање со нова музика и соработки што ги поврзуваат различните периоди од неговата кариера.

To top