Мегафон

Во сабота, јубилејна 20-та „Бела ноќ“ во Скопје (Фото)

Во сабота, јубилејна 20-та „Бела ноќ“ во Скопје (Фото)

„Бела ноќ“ по 20-ти јубилеен пат ќе се одржи во сабота (05.10.2024) на неколку локации низ Скопје, настанот претставува симбол на културно-уметничкиот живот на скопјани, и со низа активности секоја година ја збогатува понудата на културно-уметнички настани во Скопје. Скопјани и посетителите ќе имаат можност да уживаат во театарски спектакл на отворено, музички настани, изложби, проекции, работилници и други културно-уметнички перформанси на десетици локации низ градот.

Централната манифестација ќе започне со настап на француската театарска група „Compaigne des quidams“ со дефиле и спектакл на отворено кој ќе започне од Музеј на град Скопје преку улица Македонија, Плоштад Македонија, преку Камени мост па се до паркот Ибни Пајко каде ќе кулминира со 3Д мапинг.

Покрај театарскиот спектакл, ќе се одржи и концерт на музичкото училиште „Ентерпрајз“ на истата локација, а на „Школка“ во Градски парк ќе се одржи поп рок концерт на Култи Ватор. Во клуб ресторан МКЦ ќе се одржи меѓународен фестивал на електронска музика со настап на Ди џеј Томи Бојаџи (Македонија), ди џеј Dee (Србија), ди џеј Geri Kacerija (Албанија) како и видео артистот Петар Џон.

Под браната Матка ќе се одржи ЕХО фестивал на планински филм со ноќно кино на кое ќе се прикажуваат победничките филмови од минатите изданија. Друштвото на ликовни уметници на Македонија ќе се претстават со „Осветлено илуминирано урбано наследство во Куќата на ДЛУМ („Илинденска“ бр. 63).
Во „Лабораториум“ ќе се одржи мултимедијален микс на културни и уметнички изразувања кои го отелотворуваат духот на Скопје и неговата креативна заедница под наслов „Стоногалка“, а во кафулето „Излет“ ќе се одржи изложба на постери илустрации и стрипови на Славица Купенкова.

To top