Тројцата членови на легендарниот британски рок бенд Rolling Stones го промовираа својот претстоен 25-ти студиски албум „Foreign Tongues“ на настан во Њујорк во вторникот, откако освоија Греми за нивниот претходен албум во 2023 година.
Албумот со 14 песни ќе биде објавен на 10-ти јули, кога Мик Џегер, Кит Ричардс и Рони Вуд ќе ја одбележат 64-годишнината од бендот кој стана еден од најуспешните, највлијателните и најдолготрајните бендови во светот.
Корицата на албумот, создадена од сликарот Натаниел Мери Квин, прикажува шарена и речиси гротескна комбинација од црти на лицето на Џегер, Ричардс и Вуд, со нивните претерани црти на лицето комбинирани во еден, искривен портрет.

На попладневната промотивна забава во Вејлин, место за специјални настани во Њујорк, триото прошета по црвениот тепих, позираше за фотографии и беше интервјуирано од комичарот и водител на ток-шоуа Конан О’Брајан.
На претстојниот албум „Foreign Tongues“, чиј наслов потсетува на препознатливото лого на бендот со усни и исплазен јазик, му претходеше дигитално објавување на главниот сингл од албумот „In the Stars“ во вторникот, заедно со првата песна „Rough and Twisted“.
„In the Stars“ ќе биде достапен во физички формат почнувајќи од 15-ти мај. Обожавателите имаа можност да ја видат „Rough and Twisted“ кога песната беше издадена на винил во ограничени количини како сингл од Cockroaches, стариот псевдоним на Stones.
„Жестоко блуз парче“
Нил Меккормик, главен музички критичар на британскиот весник The Telegraph, ја опиша „Rough and Twisted“ како „жестоко блуз парче“ што би се вклопило добро на 10-от албум на бендот, „Exile on Main Street“ од 1972 година.

„Foreign Tongues“ е вториот студиски албум на „Камењата“ по смртта на тапанарот Чарли Вотс во 2021 година и нивниот 25-ти од формирањето на бендот во 1962 година, со постава во која беа Џегер на вокал, Ричардс на гитара и мултиинструменталистот Брајан Џонс, кој почина во 1969 година.
Вотс и басистот Бил Вајман беа првите членови на стабилната постава што стана Rolling Stones. Вуд се приклучи на групата во 1970-те како замена за гитаристот Мик Тејлор, а Вајман го напушти бендот на почетокот на 1990-те.
Преостанатото трио од Џегер, Ричардс и Вуд се обедини во 2023 година за издавањето на „Hacney Diamonds“, првиот албум со оригинална музика од Rolling Stones за 18 години, кој освои Греми награда за најдобар рок албум. Албумот содржеше некои од последните студиски снимки на Вотс и првиот студиски придонес од тапанарот Стив Џордан.
Џордан и басистот Дарил Џонс ја сочинуваат ритам секцијата на албумот „Foreign Tongues“, кој, според промотивните материјали на бендот, вклучува и „специјален настап“ од Вотс.
Други гостински изведувачи се Пол Мекартни, Стив Винвуд, Роберт Смит од The Cure и Чед Смит од Red Hot Chili Peppers.
Зборувајќи на настанот во вторник, Џегер рече дека продуцентот на албумот Ендру Ват „се обиде да ме собере мене и Пол (Мекартни) заедно за да напишеме нешто, но никогаш навистина не го сторивме тоа“.
Мекартни свирел и на „Hackeny Diamonds“, кој го продуцираше и Ват.
И покрај значителното искуство на 82-годишните Џегер и Ричардс и 78-годишниот Вуд, 25-тиот студиски албум на Rolling Stones можеби не е лебедова песна на бендот. Главниот рок и поп критичар на The Times, Вил Хоџкинсон, објави во април дека бендот собрал најмалку 10 дополнителни неискористени песни како материјал за друг албум.
фото:Instagram printscreen/therollingstones







