Со детски џагор, радост и многу насмевки, а најмногу со детска песничка и годинава започнува 23-тото издание на фестивалот „Поточиња“.
На 18-ти и 19-ти април во Македонската опера и балет по 23-ти пат на големата сцена ќе блеснат единствените „Поточиња“ и ќе ја донесат омилената детска музичка приказна на сите генерации.

Најискрената публика – детската, со нетрпение очекува да дојде викендот во кој песна ги обединува, фестивалот кој еднаш го гледаат во живо, а потоа цела година уживаат во видео изведбите на песничките.
На неколку дена пред почетокот фестивалот, во интервју со композитирот и текстописец Оливер Пап, кој е и извршен продуцент на фестивалот Поточиња, откриваме како се ткаеше годинешната приказна која наскоро ќе биде раскажана.

Кои се клучните подготовки од последните денови пред почетокот на годинешниот фестивал?
– Последните денови пред фестивалот се користат за интензивни проби по танц каде децата ги воигруваат кореографиите и сценскиот настап. Што се однесува до музичкиот дел во завршна фаза е продуцирањето на песните.
Како се справувате со големиот интерес на нови дечиња кои сакаат да пеат на Поточиња, а сепак да го одржите квалитетот?
– Интересот е огромен, меѓутоа за учество на Поточиња најпрво сите заинтересирани деца мора да ја поминат нашата аудиција која се одржува секој септември. Потоа следат месеци напорна работа и проби каде секое дете добива можност да ги покаже своите квалитети и да напредува работејќи со нашиот стручен тим.

Која песна од минатата година би ја издвоиле за голем хит кој отскокнува од останатите?
– Интересно е што децата си имаат различни фаворити и хитови и секоја песна е хит на свој начин. Ако се суди по прегледите на Јутјуб се издвојуваат Едно мало зајаче, Градинке, Јана, Дајте сите рачиња. Меѓутоа секоја песна си наоѓа свој пат до детските срца.
Зошто девојчињата секогаш предничат со интересот пред момчињата?
– Можеби е феномен како што во спортот предничат момчињата, така во уметноста да предничат девојчињата. За момчињата на нашиот фестивал можам да истакнам дека се ретки, но талентирани и квалитетни.
Колку е важно да се негува детето во Вас за да се успее да се напишат бројни детски песнички?
– Најчесто тоа доаѓа од подсвесното ниво и без талент и дарба да се твори за деца не може да се создаде ништо што ќе ги допре детските срца. Творењето за деца бара и голема одговорност бидејќи мора да внимаваме какви пораки и вредности им промовираме преку нашите песни.

Како тече процесот на создавање на композициите, се случува ли за брзо време да настанат повеќе песнички или веќе низ годините имате одредено темпо на творење?
– Како и во секоја уметничка работа тоа зависи од моментот на инспирација. Некогаш инспирацијата е толку силна што во неколку дена може да се создадат повеќе песни, додека некогаш е потребно повеќе време да се изроди една песна. Инспирацијата може да се пронајде насекаде, доволна е само концентрација, внимание и чувство да се проникне во детскиот свет кој е толку чист, искрен и прекрасен.
Дали концертите остануваат со стандардни термини или можеби поради големиот интерес предвидувате повеќе?
– Поради голем интерес и речиси распродадени шест стандардни термини на репертоарот е закажана нова седма претстава на 19 април од 17:00 часот.

Да испратиме една порака до дечињата и нивните родители: Зошто е важно да не го пропуштат овогодишното издание на Поточиња?
– Поточиња веќе со години е неизоставен дел од растењето на секое дете во Македонија. Фестивалската магија на сцената што се случува се најубави спомени што секој родител може да му ги пружи на своето дете. Преку игра, песна и забава се трудиме на децата да им влијаеме едукативно и позитивно. Затоа, вреди да се посети Поточиња 2026 бидејќи фестивалското доживување за секое дете ќе биде убав спомен за целиот живот.
фото: Приватна архива Поточиња






