Во секојдневната трка да завршиме сè што е потребно на работа и во семејството, нашето здравје најчесто го плаќа данокот. Исцрпеноста, поспаноста и постојаниот замор најчесто се симптоми на недоволен одмор на организмот.
Сепак, ова може да бидат и знаци за некои болести – од обична настинка до психички проблеми. Како што пишува магазинот Бест лајф, експертите откриле осум можни проблеми поради кои се чувствуваме уморно и поспано. Ако препознаете некои од нив, тоа ќе ви помогне да ги свртите работите во ваша корист, да ја покренете вашата енергија и да се ослободите од постојаното чувство на замор.
Исхрана
Здравјето на нашето тело, како и нивото на енергија, во голема мера зависи од исхраната.
– Доколку исхраната е богата со шеќери и нездрави масти, тоа може да придонесе да се чувствуваме уморно. Ваквиот начин на исхрана предизикува постојани осцилации на нивото на шеќер во крвта, па организмот се бори да го надомести недостатокот на хранливи материи и тоа предизвикува замор – предупредува британскиот лекар Николас Драголеа и советува да се префрлиме на здрава храна.
Според него, умереноста е клучна, бидејќи ако имате премногу рестриктивна диета и ги броите калориите, тоа исто така може да доведе до постојан замор на телото.
Недостаток на витамин Д
Витаминот Д игра многу важна улога за здравјето, имунитетот и јачината на коските. Недостатокот на овој витамин во организмот може да се манифестира преку замор и поспаност, а може да доведе и до депресија. Сепак, како што предупредуваат експертите, пред да се одлучите да го земате овој витамин, задолжително направете ги потребните тестови и консултирајте се со лекар кој ќе ви ја одреди точната доза и време за да користите дополнителни количини на витаминот Д.
Недостаток на активност
Физичката активност, покрај исхраната е уште една клучна работа за добро здравје. Сепак, повеќето луѓе истакнуваат дека немаат слободно време да се посветат на вежбањето.
-Недостатокот на физичка активност може да доведе до намалување на тонусот на мускулите и намалување на енергијата, и да предизвика чувство на умор. Вежбајте редовно додека времето ви дозволува за да ја зголемите циркулацијата, да го подобрите расположението и да спиете подобро. Доколку немате време да тренирате во сала, обидете се да пешачите што повеќе и да ги користите скалите наместо лифтот – препорачува д-р Драголеа.
Алкохол
Алкохолот и недозволените супстанци (наркотици) се уште една причина поради која се чувствувате безволно и уморно, предупредуваат експертите. Конзумирањето алкохол, дури и во умерени количини, го затапува нервниот систем и нервите во телото, и доведува до замор. Многумина погрешно веруваат дека пиењето чаша алкохол или вино ќе им помогне да спијат подобро. Алкохолот во организмот влијае врз зголемувањето на хормоните на стресот, па сигурно побрзо ќе заспиете, но квалитетот на сонот ќе биде лош. Слично дејство имаат и недозволените супстанци, кои прво ќе ве кренат, а потоа нагло ќе ја изгубите енергијата предизвикувајќи несоница, која потоа тешко се лекува, предупредуваат експертите.
Лекови
Многумина ќе бидат изненадени, но некои лекови може да предизвикаат замор и поспаност, што е несакана појава од нивната употреба. Ова првенствено се однесува на различни видови антихистамини, бета блокатори кои се користат за лекување на срцето или лекови за ментални болести. Консултирајте се со вашиот лекар и објаснете му какви промени чувствувате, можеби ќе треба да ја промени вашата терапија.
Нарушување на расположението
Постојаниот замор и поспаност може да бидат показател и за разни психички нарушувања. Ненадејните и чести промени во расположението, анксиозноста и депресијата влијаат на нивото на енергија и доведуваат до чувство на постојан замор.
– Нарушувањата на менталното здравје, особено ако се хронични, можат да влијаат на апетитот, расположението и особено на спиењето. Доколку и вие имате постојано чувство на тага и безнадежност, побарајте совет од психијатар кој би ви дал адекватна терапија за справување со вашата психичка состојба – изјави д-р Драголеа.
Лоши навики при заспивање
Постојаниот замор и поспаност во голема мера се предизвикани од лошите навики при заспивање. Ако пиете премногу кафе и гледате во мобилниот телефон пред да заспиете, тоа само ќе ги разбуди мозочните клетки и ќе имате проблеми со спиењето. Рутината е исто така многу важна, затоа обидете се секоја вечер да легнувате во приближно исто време за вашето тело да знае дека е време за одмор и спиење. За да се ослободите од заморот мора да ги промените лошите навики.
Неоткриени болести
Постојаниот замор и поспаност во текот на денот може да биде сигнал дека имате болест за која не знаете. Спектарот на болести е широк – од анемија, дијабетес до проблеми со тироидната жлезда. Заморот е само последица на дополнителниот напор на нашето тело да се справи со здравствениот проблем за кој можеби не сте ни свесни. Доколку оваа состојба трае подолг временски период и продолжува дури и откако добро ќе се наспиете и одморите, најдобро е да се консултирате со вашиот лекар и да побарате прегледи и анализи со цел да се утврди зошто постојано чувствувате замор и поспаност.
Извор: Попара