Бред Арнолд, пејач и еден од основачите на популарната американска рок група „3 Doors Down“, почина денес на 47-годишна возраст.
Веста ја потврди неговиот претставник за медиуми.
Пејачот на групата „3 Doors Down“ почина мирно, во сон, опкружен со сопругата и членовите на семејството. Јавноста стана свесна за неговото влошено здравје во мај 2025 година, кога Арнолд директно им се обрати на фановите преку видео на социјалните мрежи. Тогаш откри дека му е дијагностициран карцином на бубрежни клетки во четврта фаза, кој веќе метастазирал во неговите бели дробови.
Во тој говор, Арнолд рече:
„Здраво на сите, ова е Бред од „3 Дорс Даун“. Се надевам дека имате добар ден. Имам некои не толку добри вести. Бев болен пред неколку недели, отидов во болница на преглед и ми беше дијагностициран рак на бубрезите кој се проширил на белите дробови. Стадиум е четврти и воопшто не е добро.“

Бред Арнолд беше клучна фигура во формирањето на бендот во 1996 година во малото гратче Ескатопа, Мисисипи. Во раните денови на групата, тој беше и тапанар и главен вокал. Ќе биде запаметен како автор и продуцент на еден од најголемите рок хитови од почетокот на милениумот – песната „Криптонит“ од 2000 година. Фасцинантно е што Арнолд го напиша текстот за оваа песна, која стана глобален феномен и заштитен знак на бендот, кога имаше само 15 години.
И покрај тешката дијагноза, Арнолд одржуваше позитивен дух и силна вера до последниот ден, што го нагласи во својата последна јавна порака:
„Но, знаете што? Ние му служиме на моќен Бог и тој може да надмине сè. Затоа не се плашам. Искрено, воопшто не се плашам од тоа. Сепак, болеста ќе нè принуди да ја откажеме нашата турнеја ова лето и многу ни е жал за тоа. Би сакал да се молите за мене секогаш кога ќе имате можност. Мислам дека е време малку да го засилиме звукот и да ја слушнеме „Не е мое време“, нели?“
Неговата смрт е голема загуба за рок сцената, но неговите хитови како „Kryptonite“ и „Here Without You“ ќе живеат како доказ за неговиот огромен талент.







