Американската актерка Ева Мари Сент, добитничка на „Оскар“ и една од последните големи ѕвезди од златната ера на Холивуд, почина на 102-годишна возраст.
Сент починала во вторникот, на 6 октомври, од природна смрт во својот дом во Лос Анџелес, опкружена со семејството и блиските, потврдил нејзиниот претставник Џеф Сандерсон.
Нејзината актерска кариера траеше повеќе од шест децении, а во текот на неа играше покрај некои од најголемите имиња на американскиот филм, меѓу кои Марлон Брандо, Кери Грант, Пол Њуман и Елизабет Тејлор.
„Оскар“ освои уште со својот прв филм
Филмската кариера ја започна на начин за кој повеќето актери можат само да сонуваат. Во својот прв долгометражен филм, драмата „On the Waterfront“ од 1954 година, ја толкуваше улогата на Еди Дојл, играјќи покрај Марлон Брандо.
Токму оваа улога ѝ го донесе „Оскарот“ за најдобра споредна женска улога. Наградата ја прими во 1955 година, додека била во поодмината бременост, а само два дена подоцна го родила синот Дарел.
Пет години по филмското деби ја оствари уште една од улогите по кои засекогаш ќе остане запаметена. Алфред Хичкок ја избра за мистериозната Ив Кендал во трилерот „North by Northwest“, каде нејзин партнер беше Кери Грант.
Филмот стана едно од најпознатите остварувања на Хичкок, а Сент една од неговите највпечатливи главни актерки.
Семејството ѝ било поважно од Холивуд
Следуваа улоги во филмовите „Exodus“, „All Fall Down“, „The Sandpiper“, „Grand Prix“ и „The Russians Are Coming, the Russians Are Coming“.
Иако по големиот успех можела да прифати многу повеќе улоги, Сент свесно го намалила бројот на ангажмани за да поминува повеќе време со своето семејство.

За режисерот и продуцент Џефри Хејден се омажила во 1951 година. Во брак биле 65 години, сè до неговата смрт во 2016 година. Заедно ги добиле синот Дарел и ќерката Лорет.
Во текот на животот Сент отворено зборувала дека семејството секогаш ѝ било поважно од кариерата.
Ја глумеше и мајката на Супермен
Нејзината кариера не заврши со класичната ера на Холивуд. И во подоцнежните децении продолжи да се појавува на филм и телевизија, а во 1990 година освои награда „Еми“ за мини-серијата „People Like Us“.
Помладата публика ја запозна и како Марта Кент, посвоителката на Супермен, во филмот „Superman Returns“ од 2006 година.
Една од последните филмски улоги ја оствари во 2014 година во „Winter’s Tale“.
Во 2018 година повторно се појави на сцената на доделувањето на „Оскарите“, каде ја врачи наградата за најдобра костимографија. Публиката тогаш ја поздрави со овации.
Ева Мари Сент е родена на 4 јули 1924 година во Њуарк, Њу Џерси. Зад себе ги остави синот и ќерката, четири внуци и две правнуци.






