По трагедијата во Кочани, Тамара Тодевска е првата која реши да организира хуманитарен солистички концерт за поддршка и помош на семејствата на починатите и повредените во страотниот пожар каде животите ги загубија 62 воглавно млади луѓе.
Музичкиот настан го закажа за 08 мај (четврток), од 20:00 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
Уште во самиот старт Тамара нагласи дека ако е концертот хуманитарен, гратис влезници нема за никого, па дури ни за новинарите, како што нема ниту хонорар за неа или било кој од екипата музичари кои ќе ја придружуваат на сцената, како ни за специјалните гости, така што целиот приход од продажбата на билетите ќе биде наменети за семејствата на починатите, како и за сите повредени во трагедијата.
Најавувајќи го овој хуманитарен настан, македонската пејачка гостуваше на МТВ во новата емисија која ја води водителката Здравкица (екс-Билбиловска, сега) Милиќ, во која Тамара се обиде да ја појасни потребата и личните причини зошто го прави сето ова, како и суштината на ваквиот хуманитарен гест кој е од општо значење.
Но, грутката во грлото беше посилна од зборовите, емоциите ја надвладаа и неа и водителката, па зборовите и нивното значење, се престорија во време за плачење… но и почит.
Плачеше водителката, плачеше и гостинката. Тамара со солзи во очите во емисијата го најави концертот за Кочани во МКЦ.
„Мојата желба, она што јас умеам да го правам е само музика… Немам друг начин. Да им одадам почит на на моите колеги и сите тие деца кои загинаа на 16-ти… Ќе биде достоинствено, ќе биде со многу љубов, моите песни ќе бидат во ново руво, ќе ги чујат во сосема нов аранжман. И нека биде ова поттик за сите мои колеги, понатаму да го направат истото, зашто мислам дека само така може даим се возврати на сите добрини кои тие ги правеа за нас“ – порача Тамара со насолзени очи во емисијата „Животна приказна“ на МТВ.
Фотои видео: Инстаграм/tamaratodevska