Македонската убавица Катиа Донева е подготвена да ја претставува нашата земја на јубилејното 75. издание на престижниот избор за убавина Мис Универзум 2026, кој ќе се одржи во Сан Хуан, Порторико.
Атрактивната русокоса девојка, која во јавноста со право ја носи ласкавата титула „македонската Барби“, со својата софистицираност, сила и блескава самоувереност веќе ја понесе титулата Мис Универзум Македонија за оваа година и доби огромна поддршка од јавноста за ова ново, возбудливо поглавје.
Иако овој избор за убавина ја носи во фокусот на светското внимание, Катиа Донева воопшто не е ново име во модниот свет, бидејќи зад себе веќе има изградено успешна и сериозна интернационална кариера како модел и инфлуенсерка.
Таа веќе неколку години успешно чекори на меѓународните модни писти и има соработувано со бројни светски брендови, а нејзиниот лик се појавува во големи интернационални кампањи.
Својот професионален пат Катиа долго време го градеше во Дубаи, каде што се наметна како препознатливо име во индустријата.
Дека нејзиниот талент и маркантен изглед ги отвораат вратите на најважните модни метрополи, доказ се и нејзините неодамнешни ангажмани на европско тло. Таа привлече огромно внимание со своето моќно појавување на пистата во рамки на Модната недела во Милано, каде во минималистички, но исклучително елегантен стајлинг покажа чиста самоувереност пред присутните.
Веднаш по Милано, нејзиниот моден поход продолжи и на престижната Париска модна недела, со што уште еднаш потврди дека македонските модели имаат капацитет да бидат рамо до рамо со светскиот крем.
Инаку, интересна информација за домашната јавност е и тоа што Катиа потекнува од семејство каде јавниот простор не е туѓ, па така таа е родена сестра на познатата македонска тв водителка Верица Донева.
Со ваков импресивен багаж на светските писти, македонската Барби со сигурност ќе донесе врвна елеганција на големата сцена во Порторико.
фото:Instagram printscreen/ barbie.katia/maria_veber_photo






