Од 17 до 21 јули на четири локации во Охрид ќе се одржи седмото издание на Фестивалот на нов европски филм „Beach Film Festival“ (БФФ). Овогодинешното издание, како што велат организаторите, нуди богата програма со филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси на четири локации во Охрид, односно на плажата Славија, бродот Армада, плажата Сараиште и Младинскиот Центар Охрид.
Фестивалот ќе биде отворен со проекцијата на филмот „Forever hold your peace“, а во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови „Rodeo“, „Summer to come“, „Afire“, „Milk“, „Some birds“ и „Pelican“.
Покрај главната програма, на фестивалот ќе се прикажат и 14 краткометражни филмови, вклучувајќи и филмови од домашната продукција, филмови на Ана Јакимска, Елеонора Венинова, Јане Спасиќ и Димитар Банов. Во меѓувреме, најавени се и настапи на бендовите „Sioto Jazz“ и „Xarakiri“, диџејките „Baila“, диџејот „MarТian“ и музичкото дуо „SIZ“.
„Фестивалот од година во година станува препознатлив бренд на летната сезона во Охрид и посебно ја привлекува младата публика која го одбира Охрид за летен одмор, целно во периодот додека трае фестивалот. Поради тие причини оваа година фестивалот се збогати со уште еден тип на програма – филмови за најмалите посетители и нивните блиски, кои ќе бидат прикажани на градската плажа Сараиште, каде што секој ден од 17 – 21 јули со почеток од 20.00ч. ќе има проекции на детски филмови и влезот на истите е бесплатен“, најавија организаторите.
Тие истакнуваат дека фестивалот е од големо значење како културен настан во државата бидејќи привлекува млада публика на возраст од 18-35 години, за која велат дека е исклучително тешко во денешно време да биде анимирана и ангажирана да проследи европски кинематографски остварувања, во време кога на сите платформи се промовираат новите холивудски блокбастери.
„Поттикнувајќи ја филмската писменост, фестивалот служи како доказ за моќта на киното во премостувањето на културите, промовирањето на различностите и разгорувањето на страста за раскажување приказни. Без разлика дали сте филмофил, млад филмски режисер, филмски ентузијаст, или едноставно поединец кој сака да го истражи богатството на европската кинематографија, овој фестивал е правата дестинација за ова лето“, велат од БФФ.