Викендов ( недела 27-ми април 2025) македонската поп пејачка Елена Ристеска – Ера беше славеничка. Роденден е денот што го чекаме цела година, го славиме цел живот, ама во различна возраст од животот го одбележуваме на различен начин.

Разбирливо, зашто не е иста радоста кога имаш 6-7, 17-18, 28-29 или 39 години… Различна е возраста, ама чувството е единствено. Исполнето со радост и среќа, со емоции и чувства, со неизмерна љубов кон најблиските, но и сите оние кои се сетиле да ти го одбележат денот и на ваков или онаков начин ти честитале!
Мобилните телефони и социјалните мрежи денес се составен дел од нашето живеење, па така и овој пат покрај оние личните, лице в лице, мноштвото роденденски пораки на Елена и пристигнаа токму на тој начин.

Имено, многумина нејзини пријатели, обожаватели и следбеници на социјалните мрежи не ја пропуштија можноста да и испратат топли и искрени честитки. Со оригинални и уникатни пораки и го посакаа најважното нешто – среќа и здравје, многу љубов и нови успеси.
Елена, видно возбудена и трогната од вниманието што го добила, споделила голем дел од честитките на своите Инстаграм приказни, изразувајќи благодарност до сите што се сетиле, и одвоиле време да ја направат среќна на овој посебен ден.

„Јас сум најбогата личност на светот, затоа што ве имам вас најдобрите обожаватели на свет и ги имам најдобрите пријатели, љубов и фамилија на светот“! – споделила Ристеска.
Патем, пејачката не пропушти прилика и да се пошегува… Секако на своја сметка, дека полека влегува во возраст на „тетка“! Тетка секако и е на нејзината слатка внука од сестра и, но овој пат пејачката алудирајќи на возраста, дека 39-ка не е исто што и 19-ка, сподели куса видео шега!

„Малку се нашаливме со годините кои ги полнам и ви снимивме едно смешно видео заедно со мојот најсакан Дани, со прекрасниот фотограф @miki_manca_photographer браво легендо за фотографиите-ВРВ се и идејата на моја Тања @stanishhhkovskа . Двете трансформации ги направи најдобриот @danielnikolovskiofficial1 шминка, фризура и стајлинг. Дали 19 или 39 не е важно, важно е дека сум среќна и благодарна за се’ што имам.
П.С. ПОЛНАМ 39, но ПРАЗНО ми е срцето затоа што некои луѓе во мојот живот засекогаш ќе фалат“ – додала пејачката покрај кусото шеговито роденденско видеоклипче.
А во него, Елена Ристеска слави роденден, па за да ги дувне свеќичките на тортата се поднаведна, арно ама… Ера „заборави“ дека влегува во „нова ера“?!

Наравоучение со порака: Не се спуштај нагло доле, ни за роденден, ни во било која друга прилика, зашто… страда кичмата кога си на прагот на 40-етата!
Фото и видео: Instagram/elenaristeska_era







