Живот и стил

Може да се падне на 35 различни датуми: Зошто Велигден секогаш е во недела и на полноќ, а не преку ден?

Може да се падне на 35 различни датуми: Зошто Велигден секогаш е во недела и на полноќ, а не преку ден?

Сите знаеме дека Велигден е празник со непостојана дата за празнување. Денот не го менува, а датумот го менува. Може да биде во април, а и во мај. Временското растојание, од кога до кога може да се падне Велигден е определено и тоа се движи од 4 април до 8 мај, односно, најрано: три дена пред Благовец, а најдоцна: два дена по Ѓурѓовден. Што значи дека Велигден може да се падне на 35 различни датуми.

Велигден е Празник над празниците. Со Велигден се поврзани најмногу празници во годината. Најконкретно со Велигден, празниците се поврзани 50 дена пред него и 50 дена по него. Секогаш, педесеттиот ден пред Велигден е Прочка и секогаш педесеттиот ден по Велигден е Духовден (Педесетница). А и Спасовден е секогаш на 40 ден по Велигден, Цветници е неделата пред Велигден, а саботата е Лазарева сабота итн.

Велигден е првиот празник на христијаните. Но, во првите векови, немало ускладеност и еднообразност во празнувањето. Не го празнувале Велигден сите во исто време. Така било цели три века.

Христијаните на Исток, во Азија го празнувале Велигден во исто време и на ист датум, но другите не. Велигден се празнувал секогаш на 14 ден од првиот пролетен месец, без разлика во кој ден од седмицата ќе се падне тој датум. Тоа било истовремено празнување на Велигден со Јудејската Пасха.

Христијаните, во Европа велеле дека е неприлично да го славиме нашиот најголем празник Велигден, заедно со најголемиот празник на Евреите – Пасха. Затоа, се определиле да го слават Велигден секогаш во неделниот ден по првата пролетна полна месечина. Тоа значело дека Велигден ќе биде секогаш во недела.

Зошто во недела?

Затоа што во тој ден Христос воскреснал. Воскреснал во недела и треба да се празнува во недела. На првиот вселенски собор, во 325 година, била донесена одлука: Велигден да се празнува насекаде во првата недела по Пасхалната полна месечина. Соборот ги определил: Денот – недела; периодот – пролет; денски, сончев знак – пролетна рамноденица; месечев знак – полна месечина, првата полна месечина во пролетта, по пролетната рамноденица; спореден празник – Пасха јудејска, секогаш во неделата по неа, но никогаш со неа, ни пред неа. Ова правило од Соборот важи и до ден денес. Настанало единство во сето христијанство – единство за Празникот над празниците. Но, не за долго. Всушност, уште веднаш се појавиле разлики по прашањето за часот и времето од денот. Западните христијани – Римската црква рекла дека на полноќ се објавува Воскресението Христово и започнува Велигден на почетокот од денот недела. Христијаните на Исток, започнувале еден час по полноќ, а некои, пред зори – во 4 часот наутро, по европско време. Оваа различност продолжила нови три и пол века. Соборот одлучил: Велигденскиот пост престанува на полноќ на Велика сабота и започнува Велигден на полноќ, веднаш штом влегува во недела. Оттогаш настанала истовременост на празнувањето. Христијанскиот свет имал ист празник, во исто време и час.

Зошто на полноќ, а не преку ден?

Светите отци сакале да биде празникот, колку е можно, најблиску до времето на Христовото воскресение. Но, нам не ни е кажано точно времето и часот кога Христос воскреснал. Евангелијата ја премолчиле оваа точност.

За моментот на Христовото воскресение не е напишано, но за доаѓањето на ангелот Божји, којшто ги пречекал жените мироносици кај празниот гроб, се вели: “Стана голем потрес: ангел Господов слезе од небото…, а стражарите, уплашени од него, трепереа и беа како мртви.” Настанот се случил порано, а можело и на полноќ, но сигурно не пред полноќ.

Воскресението во почетокот на означеното време значи сила и моќ – дека немало што да чека, туку ја имал Божјата сила и можел да воскресне; а тоа, ако се случело на крајот од денот, ќе значело немоќ – како да чекал да собере сила, како едвај воскреснал. Затоа е земен терминот веднаш по полноќ, само што почнува неделата. Затоа тогаш се објавува Воскресението и гласно се вели: – Христос воскресе! Ова значи објавување на една голема вистина – му се објавува на целиот свет дека нашиот Бог не е мртов, туку е жив и не е во гробот, туку воскресна. Тоа се кажува гласно и сеопшто, од сите и за сите во светот. Тоа значи одеднаш, јавно и најмасовно исповедање на верата на сиот свет дека Христос Воскресе! На тоа се одговара: – Вистина воскресе!

Како се пресметуваат велигденските таблици?

Велигденските таблици за пресметување на датумот на Велигден се нарекуваат и Пасхални таблици или Пасхалии. Оваа пресметка не е едноставна и има своја долга историја. Првите пресметувања ги направил свети Теофил Александриски во 385 година и ја дал првата Пасхална таблица за 40 години. Тоа го дооформил свети Кирил Александриски и било дадено за целиот христијански свет, скоро два века. Во 526 година, римскиот монах Дионисиј Мали ги направил конечните Велигденски таблици. Тоа важи и до денес и засекогаш. Формиран е Велигденски круг, Пасхален круг или Пасхалија која никогаш не завршува и е наречен Голем индикт. Оваа вечна Пасхалија опфаќа циклус од 532 години. А кога ќе заврши овој круг, пак се повторува по истиот ред.

извор:курир.мк

Поврзани теми

To top