Издавачката куќа „Арс Ламина“, на 15 јуни (сабота), со почеток во 11 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, организира литературно-музички хепенинг „Читањето е супермоќ“, со кој ќе биде заокружена кампањата за поттикнување на читачките навики кај децата, за оваа учебна година.
На настанот ќе бидат прогласени и наградени победниците на истоимениот литературен и ликовен конкурс „Читањето е супермоќ“, што беше спроведен во градинките и во основните училишта во целата држава. Децата од градинките учествуваа со ликовни творби на тема „Во светот на приказните“, а учениците од основните училишта со ликовни и литературни творби на тема „Во светот на книгите“.
На е-адресата на „Арс Ламина“ пристигнаа 155 литературни и 230 ликовни творби од ученици од 1 до 9 одделение, како и од деца од градинките. За најдобрите одлучи стручно жири.
На програмата се танцови, хорски и други настапи на талентирани групи и ученици од повеќе скопски основни училишта и градинки. За време на настанот ќе се одржи ликовна работилница за деца со илустраторот на книги за деца, Орце Нинески.
Целите на кампањата „Читањето е супермоќ“ се поттикнување на читањето и унапредување на читачките вештини, подигнување на јавната свест за значењето на читањето од најмала возраст, негување на мајчиниот јазик, поддршка на децата со тешкотии во читањето и друго.
Литературно-музички хепенинг „Читањето е супермоќ“ е завршен настан на истоимената кампањата, што издавачката куќа „Арс Ламина“ ја спроведува веќе шеста година по ред.