Мегафон празник

Летна Света Петка – заштитничка од несреќи и болести

Летна Света Петка – заштитничка од несреќи и болести

На 8-ми август, православните христијани го слават денот посветен на Преподобната маченичка Параскева, во народот познат и како Летна Света Петка.

Култот кон оваа светица многу е раширен кај македонскиот народ, а таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, заради што уште ја нарекуваат и мајка Параскева.

На денешен ден именден празнуваат Петко, Петкана, Параскева, Пенка…

Ова е инаку првиот од трите празници посветен на света Петка и денес се слави преподобната маченица Параскева Римјанка.

Во житието за неа се вели дека нејзините родители биле Римјани, а дека таа се родила како единствена ќерка по долги и искрени молитви кон Бога.

Параскева се замонашила рано, а настрадала заедно со голем број христијани во време на царувањето на Антонин.

Императорот присуствувал на нејзиното мачење, а кога светицата била фрлена во котел со врело масло и катран, нејзиното тело останало неповредено, а од течноста му прснало во очите на императорот, по што тој ослепел.

Параскева, по ова му се помолила на Бога и императорот оздравел, а гледајќи го ова чудо, голем број луѓе потоа ја примиле христовата вера.

Поради тоа била исечена со меч, а подоцна моштите ѝ биле пренесени во Цариград.

На иконите света Петка Римјанка држи чинија со очи.

Токму заради ова, во Македонија постојат голем број лековити извори кои се нарекуваат уште и „петочни води“, а познати се токму по тоа што лекуваат „очобол“, односно здравствени проблеми со видот.

Иако овој ден не е одбележан со црвени или црни букви во православниот календар, тој важи за мошне голем празник, што најмногу се празнува меѓу жените.

Се верува дека овој ден треба да се посвети на молитва и христијаните да се воздржат од тешки физички работи.

Порано се верувало дека на овој ден не треба да се меси, да се пере, да се изнесува пепел од домот или да се шие.

To top