Мегафон културно лето

Крива Паланка – град на културата: Од денеска концерти, фестивал на занаети и ракотворби, фестивал на храна…

Крива Паланка – град на културата: Од денеска концерти, фестивал на занаети и ракотворби, фестивал на храна…

Во пресрет на претстојните големи настани, фестивали ,концерти и манифестации што ќе се одржат во рамки на манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата” и Кривопаланечко културно лето, Општина Крива Паланка организираше прес конференција на која беа најавени сите настани и содржините што следуваат претстојните две недели, почнувајќи од 20 август, сѐ до Голема Богородица и празникот на градот, 29 август, денот на чествување на патронот, светец -закрилник на Крива Паланка, Св.Јоаким Осоговски.

Крива Паланка како Град на културата за 2024 година е една голема културна сцена на која секојдневно се случуваат настани, а август е месецот кога кулминираат големите фестивалски случувања што даваат посебен ритам и динамика на градот. Културата ја ставаме во функција на општествениот развој и промоција на општината како една од најпосакуваните дестинции во регионот, посочи градоначалникот Митовски.

Големите фестивалските манифестации почнуваат на 20 август со нововоспоставената манифестација „Шопско село“, која ги обединува Меѓународниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“,што се одржува по 19 пат од 20-23 август, потоа Фестивалот на занаети и ракотворби кој ќе се реализира во истиот период и Фестивалот на храна кој ќе трае од 20-25 август.

За време на оваа манифестација ќе настапат Игор Димовски и Пауза за ракија, како и Елена Андоновска, а на 25 август следува проектот „Македонијо во срце те носиме“ со 12 македонски патриотски песни, во изведба на 12 македонски доајени на народната музика: Сузана Спасовска, Наум Петревски, Зуица Лазова, Миле Кузмановски, „ДНК“, Огнен Здравковски, Александар Тарабунов, Андријана Јаневска, Мина Блажев, Марија Спасовска, Ламбе Алабаковски и Бојана Скендеровски.

Посебна атракција за посетителите е етаблираниот музички фествал „Џој Фест“ кој ќе се одржи на 23 и 24 август. Првата фестивалска вечер е резервирана за концертите на Конкверинг Лајон и Суперхикс, а на 24 август ќе настап Кисити, Парампарчад и Бубњиви и Пси, додека звезда на вечерта е македонската дива Калиопи.

Фестивалската програма ќе кулминира со спектакуларниот концерт на хрватската пејачка и балканска ѕвезда Северина, на 28 август, кога се очекува да собере бројна публика од земјата и соседството. Пред Северина настапува поп пејачот Давид Темелков, а фестивалската сцена ќе ја затворат енергичните и оригинални BRASS Brothers.

Август е воедно и период што претставува и пресек на реализација на една половина од програмата на манифестацијата што ја прави општината културна престолнина во Македонија за 2024. Како што беше кажано во изминатите 5 и пол месеци реализирани се над 70 настани со учество на повеќе од 300 уметници, артисти и изведувачи, што ги проследиле повеќе од 10.000 посетители од различни генерации.

To top