Радио Милева замина уште една легенда

Кој беше Велибор Џаровски – Џаро, најпознатиот естраден менаџер на сите времиња во екс ЈУ-историјата: “Ученик на ѓаволот“!

Кој беше Велибор Џаровски – Џаро, најпознатиот естраден менаџер на сите времиња во екс ЈУ-историјата: “Ученик на ѓаволот“!

Велибор Џаровски Џаро е несомнено жива легенда. Човекот за чија работа и кариера се испреплетени безброј случки, настани и легенди, човек кој важи за најпознатиот естраден менаџер на сите времиња во екс-ЈУ историјата, па се до ден денес, 25 април 2024 година кога замина во вечноста…

Џаро работел со најголемите ѕвезди во регионот од Мишо Ковач и Оливер Драгојевиќ, преку Индекси, Леб и Сол и Бијело Дугме, до Оливер Мандиќ и Здравко Чолиќ… и уште стотици други. Ситната боранија и не ја броиме. Организирал илјадници концерти, бил вмешан во безброј афери, наместил којзнае колку фудбалски натпревари, па и цели првенства. Законот го познавал и од оваа и од онаа страна на решетките. Бил со него во судир, ама и негов најдобар пријател, преку локалните и државните политичари и началници и командири на полицијата.

Контроверзите околу „кралот на местенките“, големиот Велибор Џаровски – Џаро тешко кој може да ги изброи. И да не беше болеста, веројатно до последниот ден наместо „да ги празни“ обложувалниците, се’ уште ќе ги празнеше, а неретко и полнеше  казината и секако  салите и стадионите… И тоа повеќе отколку што нивните капацитети собираат.

Гостин во многу ТВ емисии, дел од сеќавањата, биографиите и мемоарите на многу познати и славни личности, но и во сопствената автобиографска книга насловена „Живот на коцка“, која лани ја промовираше, а ја напиша неговата ќерка, новинарката Милица Џаровска.

Џаро беше еден од ретките луѓе со цели поглавја во пишаните и печатените анали на некогашна ЈУ естрада, човек со многу лица, а само едно име и прекар: „Ученик на ѓаволот“, како што во својата антологиска книга за историјата на екс ЈУ естрадата  „Подобро минато“  ќе го нарече новинарот и публицист, Петар Луковиќ.

И навистина, зашто реално „на ѓаволот му ја знаеше секоја дупка“… Како и сите дупки во законот, на чија друга страна неретко беше, но секогаш магично знаеше да се извлече и врати на вистинскиот пат! А потоа одново и се’ така до годините додека болеста за прв пат не го совлада, па мораше да се смири и повлече!

Првата личност која ја измамил била родената мајка, па професорите при завршувањето средно, па се’ останато…

Џаро почнал со ситни измами, кога својата фамилија ја навел да поверува дека неговата мајка добила автомобил – тогаш популарното „Фиќо“.

„Тогаш постоеше наградна игра, а „Филтер Југославија“ беа најпродавани цигари низ цела СФРЈ. Мојата мајка ги пушеше овие цигари, а во нив се паѓаше „Zastava 750“ (популарното Фиќо), и јас напишав: „Вие сте добитник на Zastava 750 и ја подметнав кутијата цигари на мојата мајка. После два часа ги видов во дворот како се радуваат сите и планираат каде ќе биде гаражата, па ми рекоа: „Фиќото ќе го вози само сестра ти, ти нема да смееш, ти си луд“. Целата измама ја смислив во сабота за да неможат да проверат дали кутијата цигари е навистина добитна. Кога ме открија во понеделникот, дојдоа и ме прашаа дали е тоа мое масло, а јас им одговорив: „Нормално дека е мое, чие би било инаку? А вие мислевте да и го дадете на мојата сестра да го вози, а мене не?! – низ смеа своевремено ќе се присети Џаро.

Џаровски тврди дека умеел и на професорите од средно да им приреди местенки.

„Наместив и да завршам средно училиште. Наместив да положам кај професорот кај кого требаше да полагам, затоа што го оженив за една моја соученичка. Го повикав кај мене и му реков: „За ова што те женам со неа, да ми ги наместиш прашањата“, а он ми рече да го изберам првото ливче од лево. Доаѓам јас на испит, го одбирам првото ливче од лево, а професорот во тој момент го дува носот. Го отварам ливчето и гледам не се истите прашања, па ја прашувам комисијата дали може да ги сменам прашањата, а они да ми дадат една оцена помалку. На моето прашање една од професорките одговори: „Ти не знаеше ни за двојка, а сакаш оценка помалку?“. Овој мојот професор тогаш го бришеше носот бидејќи ливчето беше прво од неговата лева страна не мојата. Го земав тоа ливче и почнав да зборам како навиен, како тогашните спортски коментатори Радивоје и Марко Марковиќ, а тие ми „залепија“ една шлаканица и ми кажаа: „Мрш пи**а ти материна, четири години не знаеше ништо, а сега одеднаш зборувашш како да си коментатор“.

Џаро иако бил добро заштитен, неколку пати бил апсен поради фудбалски местенки.

„Три пати бев во затвор поради фудбалот. Тогаш беше аферата „Тетекс“ во која беа притворени 42 лица, потоа и „Сплитска афера“ за која ме обвинуваа за наместени 22 натпревари, а реално беа 23“ – ќе раскаже тој.

Џаровски го обвинуваа за 22 наместени натпревари, иако низ цела поранешна Југославија гордо се фалел дека наместил преку 80 натпревари на разни начини.

„Постои разлика помеѓу местење и лажирање. Местење е кога учествуваат двата клуба, а лажирање е она кога некој играч ќе направи старт за црвен картон, друг пенал, голманот ќе пушти гол или некој ќе си постигне автогол. И во едната и во другата ситуација најбитна е „црната чанта и парите“.

Најпознатото местење на Џаро е во нашата македонска четврта лига помеѓу Лескоец – Велгошти, фудбалски натпревар кој е одигран во 1971 година, а завршила со резултат од 134:0, и еден второлигашки ракометен натпревар кои завршил со резултат 0:0.

„Морав да го направам тој резултат 134:0, зошто се плашев дека некој друг ќе направи поголем,  со оглед на тоа што другите претходно наместија резултат од 96:0, јас морав да се осигурам и да направам поголем од нив.

Организирал многу фудбалски местенки и лажирања како и преку 5000 концерти, но ништо од тоа не му е важно во однос на еден фудбалски успех.

„На сите им местев девојки. И на политичарите, кои ми даваа помилување, а да не зборам за судиите. Имаше многу интересни моменти, но многу повеќе имаше работа со пари“ – ќе заклучи своевремено Џаро во бурната исповед.

Кога сме кај естрадата и местенките, покрај разни фестивалски победи како онаа на Оливер Мандиќ на МЕСАМ, Џаро умеел да ги намести  дури и тогашните најголеми  естрадни ЈУ ѕвезди убедувајќи ги  да му поверуваат дека ќе пеат на наводен „хуманитарен концерт“, а всушност го организирал за да ги исплати своите коцкарски долгови и парите кои ги губел по казината.

„Изгубив многу пари во казиното ‘Авала’ во Црна Гора, а таму на Видиковец во Бечиќи тогаш пееа Јасна Злокиќ, Маја Оџаклиевска, Здравко Чолиќ, Даниел Поповиќ, група Макадам итн. Собрав манекенки и пријатели да ми помогнат, а само Маја знаеше за што се работи. Им реков да направиме еден хуманитарен концерт таму каде што се гради ‘Стара Будва’ бидејќи на тоа место божем паднала цигла и усмртила еден работник, а децата останале сираци. Тој што настрадал од циглата всушност бев јас, а тоа не беше цигла туку кугличката од рулетот. Направивме концерт, па дојдоа политичари и донираа пари. После концертот им кажав на пејачите за што се работи, а нивните пари подоцна им ги вратив“ – искрено ќе раскаже своевремено Џаровски.

Џаро последните децении беше пензионер, кому страст му беа спортските обложувалници и обложувањето. Покрај талентот „од ништо да направи многу и од многу да остане на ништо“, великиот Џаро кој работел со бардовите на регионалната естрада, зад себе оставил толку многу што денешниве „естрадни менаџери“  тешко дека можат да го стигнат.

„Мене ми е жал што младиве генерации за Џаро знаат само по превари и местење утакмици. Овој човек има направено за оваа држава повеќе од многу политичари. Ги донел најголемите балкански ѕвезди да ја засакаат Македонија толку многу што до ден денес не ја испуштаат во своите интервјуа, муабети, без разлика дали е Здравко Чолиќ, Бора Чорба, Тереза Кесовија, Мишо Ковач“, рече актерот Игор Џамбазов на ланската промоција на книгата „Џаро – Живот на коцка“.

Фото: Вистина.ком.мк – Архива

 

To top