Живот и стил

Кафето и чајот со кофеин можеби помагаат во спречувањето на деменцијата

Кафето и чајот со кофеин можеби помагаат во спречувањето на деменцијата

Пиењето неколку шолји кафе или чај со кофеин може да помогне во зачувувањето на менталните способности и спречувањето на деменција, според студија објавена во понеделникот.

Луѓето кои пиеле повеќе кафе секој ден имале 18 отсто помал ризик од развој на деменција во споредба со оние кои пиеле помалку, според студија базирана на одговори на прашалници пополнети од 132.000 возрасни Американци во текот на четири децении.

Студијата, објавена во списанието JAMA, исто така, открила дека луѓето кои пиеле најмногу кафе имале речиси два отстотни поени пониски стапки на тешкотии со меморијата или размислувањето, коишто самите ги забележале, во споредба со оние кои пиеле најмалку.

Слични резултати се добиени и кога станува збор за консумирањето чај со кофеин, но не и за пијалаците без кофеин, велат истражувачите.

Сепак, тие наведуваат дека иако наодите се охрабрувачки, самата студија не докажува дека кофеинот помага во заштитата на мозокот.

Доколку постои позитивен ефект од кофеинот, тој е мал и постојат подобро документирани начини за заштита на когнитивната функција како што старееме, изјави раководителот на студијата, Даниел Ванг од универзитетот Харвард.

Според претходните истражувања, начинот на живот поврзан со помал ризик од деменција вклучува вежбање, здрава исхрана и доволно спиење.

„Нашата студија сугерира дека пиењето кафе или чај со кофеин може да биде едно парче од сложувалката“, вели Ванг.

Резултатите биле најизразени кај учесниците кои пиеле две до три шолји кафе или една до две шолји чај со кофеин, наведуваат истражувачите.

Оние кои пиеле кафе со кофеин, исто така, покажале подобри резултати на некои објективни тестови за когнитивни способности, според студијата финансирана од Националниот институт за здравје.

Потребни се натамошни студии за да се испитаат факторите и механизмите зад наодите, наведуваат авторите на студијата.

Забележале дека биолошки активните состојки во кафето или чајот, како што се кофеинот или полифенолите, се можни фактори кои го намалуваат воспалението во нервните клетки и штитат од когнитивен пад.

„Исто така, ги споредивме луѓето со различни генетски предиспозиции за деменција и видовме исти резултати, што значи дека кафето или чајот може да бидат подеднакво полезни за луѓето со висок или низок генетски ризик за деменција“, вели коавторот на студијата Ју Жанг во соопштението за медиумите.

извор:нетпрес
фото:Freepik

To top