Во документите за лична идентификација е заведен како Ванчо Пашалиски, но под вистинското име и презиме го знаат само најблиските и уште малкумина верни другари и блиски пријатели. Син на таканаречениот „Беровски Рамбо“ чија животна приказна и самиот со гордост ја раскажува, во неговите жили тече беровско – велешка крв, која ќе му го одреди карактерот. Див, бунтовен, не трпи неправди, свртен кон критики на системот кој и да е, поточно кон неговите негативни појави со кои пак овој – нашиов, отсекогаш изобилувал.
Музиката и музикалноста во себе ќе ги открие уште на 12-13 годишна возраст, кога рапот како музички жанр, но и подоцна и како начин на сопствено изразување му станува интересен и привлечен. И самиот ќе се обиде да креира нешто, но состојбите во приватниот живот и неможноста да го истакне сиот свој потенцијал и талент за мноштво нешта,ќе го натераат да не ги трпи стегите на општството и уште на 20 годишна возраст да замине од Македонија во белиот свет.
Франција и Париз ќе станат негово животно, работно, а со текот на годините и музичко прибежиште. Самиот на себе си го дава прекарот или поточно уметничкото име, најпрвин Johny Star, кое потоа ќе го промени во StarBoy и тргнува со своја музичка кариера, преку создавањето на сопствени музички траки и стихови, но и создавање на сопствена модна линија под брендот Royalty Paris.
Во 2020 година тргнува да ги освојува и Македонија и Балканот со првите три траки ( “Cash game”, “Motorsport”, “Mad”), визуелизирани со интересни видеоспотови, кои подоцна ќе ги надополни со уште нови пет за да го оформи материјалот за дебитантскиот албум насловен „Infinity“.
Интригантен во музичкиот и провокативен во текстуалниот израз, на работ на забранетото, со брзи и бесни коли, опасни момци и убави секси жени во спотовите, StarBoy станува трн во око на тогаш водечките претставници на неговиот жанр, кои најпрвин ќе му ветат дека ќе стане дел од нивното јато, за потоа, дали заради страв од конкуренција или нешо трето, без образложение ќе го отфрлат.
Но, тоа StarBoy нема да го поколеба да продололжи да работи и како артист и како ДЈ. Вредно ќе ги подготвува и соработките со нему слични рап артисти од соседството, а и на сопствениот нов материјал кој ќе ја здогледа виделината на денот кон крајот на 2024-тата, огледан во неговиот втор албум „Евровизија“.
Промоцијата заедно со првото видео за песната „Go fast“ ќе се случи на крајот на 2024-та во Скопје, а во меѓувреме раперот ќе промовира и парчиња од својата модна линија во еден париски кварт.
Деновиве StarBoy беше во Македонија за да го сними својот втор спот од материјалот кој се наоѓа на албумот „Евровизија“, па екслузивно гостуваше во интер ток шоуто „Ништо лично“ кај Антонио Димитриевски.
И самиот ќе сподели во најавата: „Слушнете интервју во кое што зборувам многу работи за прв пат, за мене, мојот живот и мојата музика“, кои истите Стар Бој кој е дефинитивно многу ориганлен, мошне уникатен и само свој, ќе ги раскаже во поткастот!
Премиерaта оди секоја среда во 20.00 часот директно на YouTube каналот на КурирМК (на кој и потоа во секое време можете да го погледнете сето она што сте го пропуштиле или сакате одново да го видите и слушнете повторно во интер ток шоу серијалот „Ништо лично“ со Антонио Димитриевски.