Ева Натена е грчка режисерка чиј филм „Жена убиец“/ Фониса ќе биде прикажан на затворањето на Фестивалот на грчки филм кој ќе се одржи во Скопје од 7-9 април во Кинотека на Северна Македонија и во Битола од 8-10 април во кино Манаки. Родена е на Крит. Студирала на Атинската школа за ликовни уметности, а работела како асистент на сценографот Дионисис Фотопулос, а потоа и со театарски и филмски режисери како Коста Гаврас и Пантелис Вулгарис. Трипати била наградувана со Државна награда за костимографија. Трагичната приказна во филмот, кој е базиран на познатиот роман на Пападиамантис, произлегува од сложеноста на темата и целиот контекст околу неа, кој ги вклучува сите чинители во едно општество или заедница, како што е онаа на грчкиот остров Скопелос. Во целото тоа општествено милје, се чини дека сите придонесуваат за трагичниот крај, а хероината во таа мрачна атмосфера нема друг избор освен да се обиде да ги оправда своите постапки пред Бога со цел да ја исчисти својата совест од гревовите направени во сосема апсурдни околности и со намера да се намали трагедијата на најпогодените, со убивањето на женските деца од оние семејства кои имаа девојчиња, за кои ќе треба да се обезбеди задолжителен мираз за да бидат венчани и да имаат „нормален живот во „ропството“ наречен брак.
Дали поради целиот трагичен контекст што всушност постоеше на овој остров, решивте толку јасно да го разграничите злото од нормалното, односно да ги претставите мажите како брутално сурови, а жените како целосни жртви и да не покажете било каква ситуација со цел да се направи баланс?
-Оваа верзија на „толкување“ на филмот е можеби она што првично и површно изгледа дека е. Сакам да кажам дека решив многу рано да не се фокусирам на насилството што доаѓаше во тоа време од мажите врз жените (ова е познато, регистрирано и можеби подобро е прикажано на други филмови), туку да навлезам подлабоко во вистината: да зборуваме во овој филм за насилството што потекнува од жените и се прави врз жените, бидејќи биле обврзани, градени да го прават тоа, така воспитувани. Со други зборови, да им дадат на нивните ќерки толку многу антитела против злоставување, за да можат да го издржат она што ги чекаше – веројатно насилството на мажите – што доведуваше до навистина грубо воспитување, несразмерно кај девојчињата отколку кај момчињата! Филмот ја опишува исто така и слабата страна на мажите. Таа страна која се двоуми и ја боли да даде одобрение со „кимање на глава“ за да умре едно новородено суштество. (На крајот на краиштата, сиромаштијата беше вистинската причина и нивната неможност да обезбедат мираз за своите ќерки. Ова беше пресудно за женските деца). Филмот ги прикажува и бруталните стереотипи на кои мажите биле принудувани како деца. Сетете се на сцената, каде таткото го држи за врат својот мал син и го принудува повторно и повторно да пука во веќе убиеното животно- за да го „направи маж“…! Работите беа тешки и за двата пола, од различни причини во тоа време и затоа се потрудив да постои тој баланс за кој зборувате. Колку што беше возможно, но, најубавото нешто што го слушнав за филмот беше мислењето на еден важен режисер, кој ми го кажа тоа што го пожелував: „тоа не е филм за жената, ниту за мажот; тоа е филм за човекот“.