Промотер

Емоции и премиера: Марија Спасовска го претстави деби албумот „Седатив“ (ВИДЕО)

Емоции и премиера: Марија Спасовска го претстави деби албумот „Седатив“ (ВИДЕО)

Овој четврток, 16 април 2026 , пред присуство на медиуми, соработници и гости, младата пејачка Марија Спасовска го промовираше својот деби албум „Седатив“ на настан што се одржа во еден познат скопски локал.

Во рамки на промоцијата, пред присутните беа претставени четири песни од албумот, при што носечката нумера „Седатив“ беше промовирана со официјален видеоспот. Останатите три песни беа презентирани аудио, една по една, при што новинарите и присутните имаа ексклузивна можност премиерно да ги слушнат, но и да дадат свое мислење, осврт и критика за новиот музички материјал. Овие три композиции дополнително ќе добијат и свои видеоспотови, кои ќе бидат објавени во наредниот период.

Интересно е што една од песните кои публиката ги слушна за првпат е дуетска со Давид Темелков, што претставуваше дополнително изненадување во рамки на новиот албум. Марија Спасовска се потпишува како автор на музиката и текстовите на албумот, додека аранжманот на целиот проект е дело на Николче Мицевски и Иван Јованов- Ивајо.

„Седатив е албум што го создавав подолг временски период и во кој вложив многу лична емоција, искуства и размислувања. Секоја песна има своја приказна и носи дел од мене, дел од моето растење и созревање како уметник, но и како човек. Сакав да направам албум кој нема да биде само музика за слушање, туку музика што се чувствува и која остава трага. Верувам дека публиката ќе се пронајде во овие песни, ќе ги доживее на свој начин и ќе им даде свое значење. Ова е мојот најискрен проект досега и навистина сум среќна што конечно го споделувам со јавноста“- изјави Спасовска на денешната пресконференција.

 

Со „Седатив“, Марија Спасовска најави нова фаза во својата кариера, носејќи поинаков звук, искрени емоции и современ музички израз. Погледнете го спотот за носечката песна „Седатив“.

To top