Владимир Блажев Панчо, вокалот на бендот „ДНК“, почина вчера по тешка и повеќемесечна борба од последиците по трагедијата во Кочани, што ги потресе сите.
Панчо помина седум месеци во болница, но за жал, не успеа да издржи. Панчо беше тешко повреден во катастрофален пожар што избувна во дискотека „Пулс“, каде што животот го загубија 64 лица, додека повеќе од 200 лица беа повредени.
Неговата смрт ги потресе не само неговото семејство и пријателите, туку и пошироката јавност, а бројни емотивни опростувања се појавија на социјалните мрежи. Емотивна порака се појави и на Фејсбук профилот на пејачката Теа Трајковска, која со нејзините зборови и фотографии ги растажи сите уште повеќе.

„My ride or die, my soulmate, my family, my homie, моја најголема поддршка во сѐ, мој ментор и најдобар пријател, мојот омилен човек на земјата, а сега на небото.
Привилегија и благослов е што те имав во овој живот и што си толку битен дел од него, што те знаев во срж и благодарна сум на секој збор и наш момент, на нашиот последен разговор, на сѐ што научив од тебе, на секој спомен што ми го остави.
И да знаев дека волку ќе болиш еден ден, пак не би сменила ништо и би одбрала да си мој најблизок човек во патувањево.
Овие седум месеци ти ми беше единствениот зрак надеж и светлинка, а вчера со тебе замина и дел од мене Влатче.
Нема да постои ден кога нема да ми недостигаш, ама таа твоја душа и тоа твое срце не беа за овој свет, а Бог ги сака покрај себе таквите како тебе.
Знам само дека не заслужи ништо од ова ама и дека си на подобро место каде што не страдаш и не се мачиш повеќе.
До следното видување злато мое.
Ми вети дека ќе ме чекаш ако ме претркаш, а до тогаш знам дека ќе ме чуваш од горе.
Колку те сакам знаеш и ќе си знаеш засекогаш каде и да си.
Широко небо Владе мој. Тесно беше тука за тебе“, напиша таа.
Скршените срца и коментарите под објавата иако беа во голем број, загубата останува.
Од музичката соработка на помладата колешка со Панчо и Андреј ДНК се роди „Амајлија“, песната што ја промовираа пред една година. За истата снимија и спот, а за реализацијата поминаа неколку заеднички денови снимајќи заедно на популарното туристико место Златибор.

Панчо беше препознатливо лице на мaкедонската сцена, роден и израснат во Скопјe, а својата кариера ја изгради преку неговиот голем талент, музиката.
Foto: print Screen/Facebook/theatrajkovska







