Триесет и третото издание на Охрид фест-Охридски трубадури почнува на 26 август на сцената „Долни Сарај“ со Фолк вечерта, на која ќе бидат промовирани нови песни, во духот на староградска музика и охридскиот мелос.
Интернационалната поп вечер ќе се одржи следниот ден, на 27 август.
На Фолк вечерта ќе настапат 17 пејачи, меѓу кои Блага Петреска, Нино Величковски и Петар Нечовски. Водителка ќе биде Ирена Спировска.
На Интернационалната вечер на 27 август, покрај натпреварувачкиот дел, ќе има и ревијална програма со познати музичари од Македонија и од регионот. Меѓу ревијалните гости се Сузана Манчиќ, Дадо Топиќ, Ана Петан, Принц и Биба Додева која по долго време повторно ќе пее на фестивалот. Биба Додева е победник на Охрид фест во 2012 година со хитот „Јас и мојот бенд“ и повторно во 2019 со баладата „Како некогаш“. Таа година, Додева е двојна победничка, на поп вечерта и на интернационалната вечер.
Во натпреварувачкиот дел ќе настапат главно млади пејачи: Марија Наумовска, Димитар Веселиновски, Наталија Данаилова, Никола Зац, Јуле и Баже Маротови, Немања Ѓорѓевиќ, Валдера, Стефан Спиркоски, Стефан Феди, Дино Куленовиќ и други. Водителка ќе биде Марјана Станојковска.
„Ќе се потрудиме и годинава да понудиме добра музика на двете фестивалски вечери. Како роден охриѓанец, мило ми е што фестивалот почнува со видеоразгледница за Охрид, која се емитува во повеќе балкански земји“, вели директорот на фестивалот, композиторот Григор Копров.
Македонската телевизија ќе врши директен пренос на двете фестивалски вечери од 20:15 часот.
фото:Охрид фест-Охридски трубадури






