Арбен Бени Шаќири е познат македонски поп-рок пејач, фронтмен на групата „Нон Стоп“...

Тој е главен вокал и препознатливо лице на бендот, кој повеќе од 25 години е дел од македонската музичка сцена. Активни е на бројни рок фестивали, концерти и музички настани низ земјата, а ноќните клубови и кафулињата им се редовно место за настапи. Во некои дури и свирката им е загарантирана во одредени денови секоја недела.

Еден таков е и познатиот елитен локал близу Градскиот парк во Скопје, каде Бени и „Нон – Стоп“ редовно го полнат, без оглед дали се во прашање т.н. дневни „афтер парти“ или ноќните свирки.

И ништо необично за пејачот и бендот, освен една несекојдневна глетка при една од нивните последни свирки кога присутните беа затечени од ситацијата.
Имено наместо вообичаениот гитарист Бобан Василески, со гитарата в раце заедно со групата едно детенце. Бендот го свири македонски рок класик „Високи штикли и црни чорапи“ од групата „Конкорд“, а малиот гитарист „ги цепа“ познатите рифови… Гитарата реже во неговите раце… „А ја фане, а топе“ – што вели една „увезена“ стара скопска!

Малечкиот има едвај 12 години и има речиси исто име како и лидерот на бендот, Бени. Само што овој се вика Бен и случајно или намерно е неговиот помал син.
Има само 12 години, но кога ќе застане на сцената, Бен остава впечаток како да има зад себе долгогодишно музичко искуство. Со огромна енергија, самодоверба и очигледен талент, младиот музичар веќе на себе го привлекува сето внимание.

На Инстаграм профилот на неговата тетка, сестрата на Бени, водителката Нора Шаќири беше објавено видео од нивниот настап, на кое Бен настапува заедно со својот татко Бени.

„Тој има 12 години. Тој е тотално брутален“, стои во описот на објавата, со што дополнително се истакнуваат неговата енергија и музичката умешност.
View this post on Instagram
Иако е сè уште дете, Бен на сцената се однесува со сигурност која не остава впечаток дека гледате почетник. Напротив – неговата енергија и начинот на кој ја носи музиката покажуваат дека пред него можеби се отвора сериозна музичка приказна. Конечно „крвта не е вода“, а гените очигледно се пресликале.
Посебна тежина на целиот момент му дава и фактот што на сцената е рамо до рамо со својот татко. Татко и син, две генерации и една заедничка љубов – музиката, претворена во настап кој очигледно не помина незабележано.

Ваквите моменти се најубав доказ дека музичкиот талент и љубовта кон сцената понекогаш се пренесуваат од генерација на генерација. А ако Бен продолжи со ваква енергија и самодоверба, можеби ова е само почетокот на една многу поголема приказна која ќе трае „Нон – Стоп“… И повеќе од тоа.
Фото и видео: Инстаграм/arben_beni_shaqiri/norashakiri





