Во сабота, 25-ти јануари, Крушево ќе го одбележи 44-от роденден на македонската музичка легенда Тоше Проески со концерт со наслов „Ангел си ти“. Настанот ќе се одржи во спомен-куќата „Тодор Проески“ во Крушево, со почеток во 12 часот.
Под диригентската палка на Аделина Колева, ќе се изведуваат безвременските хитови на Тоше, во изведба на вокалната формација „Оренда“, составена од 30 пејачи на возраст над 25 години, и вокалниот состав „Графити“, кој брои шест млади пејачи, наградувани на национални и меѓународни натпревари. Посебна магија на концертот ќе донесат и младите солистки Нела Манческа и Дорис Димовска, која пее под менторство на Ана Дурловски и Андријана Јаневска, како и прилепската група „Локдаун“, која е позната по тоа што често го оживува духот на Тоше на своите настапи.
Концертот „Ангел си ти“ е уште еден доказ дека музиката и делото на Тоше Проески живеат во срцата на луѓето, оставајќи неизбришлива трага во македонската култура и пошироко.
Фото: Инстаграм/proeski_pics