Еден од најпрепознатливите македонски семејни музички состави, „Силви бенд“, на 24 јули (петок) ќе одржи концерт на летната сцена Долни Сарај во Охрид. Настапот започнува во 20 часот, а публиката ќе има можност да ужива во вечер исполнета со емоции, добро познати рефрени и атмосфера каква што може да понуди само охридското лето.
Во концертната програма ќе бидат изведени најголемите хитови на дуото, меѓу кои „Ангели ме носат“, „Ме полудуваш“, „1762 лето“, како и други песни кои со години се дел од македонската музичка сцена и омилени кај повеќе генерации слушатели. Од „Силви бенд“ најавуваат внимателно подготвен репертоар со кој сакаат да создадат блиска комуникација со публиката и да приредат вечер исполнета со позитивна енергија.
„Подготвивме програма во која преку секоја песна ќе ја споделиме нашата енергија и љубов со публика од сите генерации. Охрид има посебна магија, а концертот на Долни Сарај ќе биде вистинска летна бајка и ноќ што долго ќе се памети“, порачуваат Силви и Влатко.
Минатата година дуото одбележа значаен јубилеј – 35 години музичка кариера, кој беше прославен со свечен концерт во Античкиот театар во Охрид, каде настапија во придружба на симфониски оркестар. Овогодинешниот концерт на Долни Сарај претставува нова можност љубителите на нивната музика повторно да ги слушнат во живо и да бидат дел од уште една незаборавна летна музичка приказна.







