Промотер

Драгана Костова со прва песна за празната и ранета душа во – „Адио“ (ВИДЕО)

Драгана Костова со прва песна за празната и ранета душа во – „Адио“ (ВИДЕО)

Нашата млада и талентирана пејачка Драгана Костова официјално ја претстави својата прва авторска песна со наслов „Адио“, емотивна музичка приказна која носи силна порака, модерна продукција и впечатлив видео запис.

„И сега душа е празна, остави ти рана до рана…“ – гласат дел од стиховите со кои Драгана ја најави песната, споделувајќи со публиката дека станува збор за нејзин прв музички проект. Пред самото објавување, таа на своите социјални мрежи напиша: „Со огромно задоволство ви ја најавувам мојата прва песна!“, откривајќи ја возбудата околу почетокот на својата музичка кариера.

По објавувањето на песната, Драгана емотивно им се обрати на своите следбеници со зборовите: „Драги мои, со голема среќа и радост ви ја претставувам мојата прва песна, песна во која верувам многу! Ова е нешто во кое што вложив многу срце, душа и емоции…“. Со оваа порака, младата пејачка уште еднаш покажа колку „Адио“ е значаен и личен проект за неа, исполнет со искрени чувства и голема посветеност.

Зад музиката, аранжманот и продукцијата стои Лазар Цветкоски-LCV, кој се потпишува и како автор на битот, миксот и мастерингот. Текстот за „Адио“ го напиша Магдалена Цветковска-Ена, додека дополнителна емоција во композицијата внесува виолончелото на Сара Илиевска.

 

Видеото за песната е реализирано од Ѕteadyflow, кој ја потпишува режијата, снимањето и монтажата, заедно со Nic како ко-монтажер и автор на графиките. Камерата е дело на Кристијан Крајчески, а во продукцијата бил вклучен и поширок тим од домашната креативна сцена.

Со „Адио“, Драгана Костова се претставува како ново име на македонската музичка сцена, носејќи модерен поп звук и емотивна интерпретација што веќе го привлекува вниманието на публиката на YouTube и социјалните мрежи.

To top