Промотер

По 36 години од оригиналот Џокси со две нови верзии на култната песна, едната духовна акапела, другата со Дац и Митевски – „На Велигден“

По 36 години од оригиналот Џокси со две нови верзии на култната песна, едната духовна акапела, другата со Дац и Митевски – „На Велигден“

Веќе 36 години, непосредно пред најголемиот христијански празник, песната „На Велигден “ на Џина Папас-Џокси останува неизбришлив дел од македонската музичка сцена.

Освен оригиналната верзија на Џокси, песната има бројни интерпретации, многу други верзии кои ги снимија многу македонски артисти.

– Песната долго живее и се слуша со несмален интензитет, бидејќи емоцијата со која ја создадов е искрена. Таа и сега влијае моќно на слушателите, ги допира, ги обзема, а за неа немам снимено ни спот. Мислев дека секој има право да ја доживее на свој начин – вели Џина Папас-Џокси. Со песната имал многу настапи, особено за време на празничните денови, а ја испеал и на две свадби, при што многу двојки ја сметаат за виновна за нивната љубов и брак – изјави Џокси за весникот „Нова Македонија“ во 2021 година.

Првпат „На Велигден“ е снимена во февруари 1990 година во студиото на Тоше Поп Симонов, кој го направи аранжманот, додека текстот и музиката се авторско дело на Џокси. На првата снимка, која се слуша и денес и е издадена и на касета, се слуша гајдата на Гони Жанровски.

Првата римејк-верзија требало да ја сними Тоше Проески во 2007 година, но по трагичната смрт на Тоше во октомври истата година, проектот не се реализираше. Таа година, по иницијатива на Ранко Петровиќ, првиот човек на Радио Бубамара, се договоривме со Тоше, кому многу му се допаѓаше песната „На Велигден“, да сними своја верзија. Тој тогаш гостуваше во Австралија и ми рече дека кога ќе се врати, ќе влеземе во студио. Во тоа време, со група деца престојувавме во одморалиштето „Шула Мина“ во Крушево. Девојчињата слушнале дека Тоше е во градот и ме замолија да ги запознаам со него. Отидовме во неговото омилено кафуле „Планет“, а газдата, кој ме препозна, ми рече дека можам да седнам на масата што секогаш е резервирана за Тоше. И наскоро тој се појави. Повторно го потсетив на ветувањето, а нешто подоцна, расположен, тој дојде до мене, ме прегрна и ми рече: „Ајде заедно да ја испееме сега ‘На Велигден’“. Ја знаеше песната од збор до збор, а неговата изведба беше толку емотивна што навистина ме трогна. Направивме и една фотографија, која и денес ме потсетува на оваа средба. Се сеќавам дека некои луѓе тогаш го снимија со мобилните телефони и ги замолувам, ако е можно, да ми испратат снимка – вели Џокси.

За жал, никогаш не беше реализирана оваа идеја, бидејќи во октомври истата година Тоше загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка. Следната, во 2008 година, младата пејачка надеж Ламбе Алабаковски сними своја верзија на песната, со аранжман на Дарко Димитров и дополнителен стих од Огнен Неделковски.

Во наредните години песната доби повеќе нови изведби:

Женска верзија од Пепа Димитрова со соул и џез елементи, аранжман Дамир Имери, гајди Стефче Стојковски.

Техно-верзии од диџеј Ерик Фокс и Оливер Петковски, како и микс на „Демијан рекордс“ со вокали на Ламбе Алабаковски.

Изведби од Андријана Јаневска, Мартинијан Кириловски и „Балкан бенд“.

За време на пандемијата, „На Велигден“ доби две онлајн верзии – едната со „Охрид биг карантин бенд“ и уште 60 учесници, а другата со академскиот хор „Мирче Ацев“ од Скопје под диригентската палка на Јасмина Ѓорѓиеска. На „Златна Бубамара на популарноста“, во 2020 година песната беше прогласена за „песна за векови“ и изведена пред повеќе илјади гледачи со аранжман на Дамир Имери.

Слушнете ја и новата а капела верзија на „На Велигден“ по повод 130 години од храмот „Св. вмч. Димитриј“ – Скопје.

Оваа 2026 година, Џина Папас Џокси, заедно со Драган Спасов – Дац и Александар Митевски ја претставија најновата верзија на песната. Во оваа изведба вокалите ги изведуваат Џокси, Дац и Александар Митевски, додека продукцијата е на Александар Митевски. Дополнителната строфа од Огнен Неделковски ѝ дава нова димензија, без да ја изгуби препознатливата емоција на оригиналот.

To top