Mакедонската пејачка Тина Русева која го освои првото место на The Voice of Europe, откако претходно кон крајот на минатата година импресионираше на The Voice of Germany, сега ја сними и својата прва авторска песна на македонски јазик.

Песната носи мошне личен наслов – „Своја“ и е модерна, динамична поп-композиција со силна емоционална порака. Во неа Тина пее за борбата со сопствените несигурности, но и за силата да се прифатиме себеси такви какви што сме. Рефренот „Не се менувај за ниту еден туѓ, лажен сон – биди своја“ – ја носи главната идеја на песната, која е посветена на сите што храбро го следат својот пат без да се менуваат себеси заради желбите или критиките на другите.

По премиерата, Тина се обрати до своите следбеници на социјалните мрежи, откривајќи колку оваа песна ѝ значи:

„Оваа песна е за сите што се свои, не се менуваат за другите и храбро го следат својот сон. Ова е нешто што долго време го носев во срце и навистина посебно се радувам што конечно ќе ја споделам со вас“ – напиша младата македонска пејачка која е 20-годишна девојка, порасната во Струмица, а веќе девет години живее во Леверкузен во Германија.

Таа неодамна се закити и со наградата „Најперспективна млада пејачка“ на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста 2026“.

Што се однесува до првенчето на Тина, музиката и текстот на песната ги потпишува Никола Буџак, додека аранжманот е на Иван Кукиќ.

Во создавањето на песната учествувале и Зоран Трендов на гитара, Борис Шурлан кој се погрижи за миксот и мастерингот, а видеото е реализирано од Mo Nemer. Снимањето и продукцијата се реализирани во студиото X Audio.







