Мегафон звук, емоција и приказна што се чувствува

Познатиот македонски музичар Александар Ицов со кавал пред Опера хаус ja промовираше македонската традиционална музика (ВИДЕО)

Познатиот македонски музичар Александар Ицов со кавал пред Опера хаус ja  промовираше македонската традиционална музика (ВИДЕО)
Познатиот македонски виртуоз на хармоника и народни инструменти – гајда, кавал и зурла, Александар Ицов, изминативе недели ја носи македонската музичка душа на другиот крај од светот. Неговата повеќенеделна концертна турнеја во Австралија се одвива во исклучително топла и емотивна атмосфера, во која музиката станува заеднички јазик меѓу татковината и дијаспората.
Досега се реализирани шест концерти во Сиднеј, Аделаида, Мелбурн, Спрингвејл и Џилонг, каде публиката имаше можност да ужива во енергични и страствени настапи. Хармониката во рацете на Ицов звучеше како продолжение на неговото срце, а секој тон носеше спомени, носталгија и гордост. Аплаузите често траеја долго по последниот тон, а интеракцијата со публиката ја претвораше секоја вечер во посебна музичка приказна.
Неописливо е чувството кога ќе видиш дека трудот што си го вложил се цени и ти се враќа со љубов“, вели Ицов.
На турнејата во Австралија, заедно со Ицов настапува и Дарко Стојановски, внук на македонската музичка легенда Војо Стојановски. Нивната соработка се покажа како одличен спој на традиција, енергија и сценска комуникација, што публиката го препозна и силно го награди.
Прекрасно е чувството кога нашинците со задоволство ќе ве пречекаат во нивната втора земја – Австралија. Секој труд што сте го вложиле, тие го почитуваат“, истакнува Ицов.
Турнејата влегува во својата завршница со уште два концерта овој викенд, а враќањето дома е закажано за 24 февруари. Но, спомените, средбите и музичките моменти што се создадоа ќе останат длабоко врежани – како доказ дека македонската музика нема граници и дека врската со татковината е жива и силна, без разлика на километражата. Посебен впечаток остава фактот што Александар Ицов со кавалот настапува и на реномирани сцени. Тој свој мини настап имаше пред Опера Хаус во Сиднеј промовирајќи ја македонската традиционална музика во современ и достоинствен контекст. Тоа е уште една потврда дека изворниот звук може да стои рамо до рамо со светските музички стандарди.
По враќањето во Македонија, Ицов носи свежа енергија и големи новини. Во фокусот е промоцијата на неговиот втор студиски албум, проект што ја заокружува една значајна креативна фаза и најавува ново поглавје во неговата кариера. Паралелно, следуваат нови песни, соработки и настапи, кои ветуваат динамична и возбудлива сезона на домашната сцена.
Со искуството стекнато надвор од земјата и со јасна визија за иднината, Александар Ицов се враќа подготвен да понуди звук, емоција и приказна што се чувствува – и се памети.
To top