Радио Милева рецепт за долговечност

Највозрасната пејачка во Македонија, а можеби и на Балканот го прослави 98-иот роденден: За Добрила Чабриќ „никогаш не е доцна“ за активен живот и радост

Највозрасната пејачка во Македонија, а можеби и на Балканот го прослави 98-иот роденден: За Добрила Чабриќ „никогаш не е доцна“ за активен живот и радост

Познатата пејачка, актерка и победничка во музичкото талент шоу „Никогаш не е доцна“, преку која помладата генерација одново ја откри, викендов имаше  уште една причина за радување.

Највозрасната активна пејачка во Македонија, а веројатно и на Балканот,  Добрила Ивановска Чабриќ го прослави својот 98. роденден и доби бројни честитки од нејзините колеги и обожаватели на своите профили на социјалните мрежи.

Родена на 1-ви февруари 1928 година во село Бариќ, Добрила уште од младоста го насочила животот кон уметноста. Најпрвин во Македонскиот народен театар каде во 1946 е дел од историјата, откако учествува во премиерата на првата претстава на македонски јазик, „Платон Кречет“.

За 11 години во МНТ остварува 29 улоги, а играла и на сцената на Драмскиот театар – Скопје.

Работела и на радио, каде на тогашното Радио Скопје заедно со Петре Прличко ја води емисијата „Весела вечер“, која останува во сеќавањето на многу генерации слушатели.

Добитничка на наградата на Народна Република Македонија за најдобра женска улога за ликот Графира во „Волци и овци“ и наградата за Радиодифузијата на денот на југословенското радио.

Потоа следува интернационална музичка кариера: со „Дуото Нанос“ патува и настапува во Македонија, Србија, Кипар, Русија, Франција и Бугарија, каде нивни песни се две години се на второто место на топ-листите. Голем успех има и со грузиската група „Диело“, настапувајќи на повеќе јазици, а од 1970 година продолжува со самостојни настапи низ светот.

Дури и по осумдесеттата година, Добрила не ја напушта сцената. Во 2012 година, на 85 години, се враќа со монодрамата „Методот на Мис Маргарида“, а во 2018 година на 90 години ја освојува публиката и победува во телевизиското музичко шоу „Никогаш не е доцна“ кое же и ја освежи старата популарност и донесе нова слава. На 22-ото издание на „Еврофест“ ѝ е доделена награда за севкупно музичко творештво.

Животот и делото на Добрила Ивановска-Чабриќ се симбол на посветеност, талент и љубов кон уметноста. Нејзиниот 98. роденденќе и донесе длабока почит и благодарност за сè што досега  направила за македонската културна сцена.

Дојран и Дојранското Езеро и ја полнат душата со позитивна енергија, како и дружбата со пријателите и со нејзините бројни обожаватели.

Таа и денес живее активен живот, вози автомобил и излегува во казино, а најчесто си легнува во раните утрински часови, за разлика од многуте повозрасни луѓе.

Во младоста била вистинска убавица, иако на шега и денес знае да каже дека се’ уште и се лепат мажи како болви.

Фото: Фејсбук и Јутјуб принтскрин

To top