Адвент-календарот на брендот „Skims“, основан од Ким Кардашијан, предизвика лавина негативни реакции поради содржината која, според мислењето на бројни купувачи, не ја оправдува високата цена. По критиките, компанијата одлучи да понуди можност за враќање на парите.
Производот, кој во САД чини 148 долари, додека на европската верзија на официјалната веб-страница неговата цена изнесува 188 евра, ги разочара купувачите кои очекувале многу повеќе од пакетот со 12 изненадувања. Наместо парчиња облека и производи по кои брендот е познат, во кутијата пронашле ластичиња за коса, шноли, штипки и приврзоци за клучеви.
Негативните коментари набрзо ги преплавија социјалните мрежи, а некои корисници го нарекоа календарот „измама“ и „најлошиот адвент-календар досега“. Како што пишува TODAY.com, портпарол на компанијата на 8 ноември потврдил дека се запознаени со незадоволството на купувачите и признал дека производот „не ги исполнил очекувањата на некои од нив“.
По бројните критики, од „Skims“ соопштиле дека ги контактирале сите што го купиле адвент-календарот и им понудиле две можности.
„Лично го контактиравме секој купувач што го купил календарот и му понудивме избор меѓу целосно враќање на парите или кредит што може да го искористи за купување други производи на Skims“, соопштиле од компанијата.
Додале дека им е важно секој купувач да биде задоволен од она што го добива, како и дека реакциите ќе влијаат врз идните лансирања на производи.
На официјалната веб-страница на „Skims“, календарот е претставен како празничен пакет со 12 модни додатоци. Меѓу нив има различни ластичиња за коса, штипки, шноли, приврзоци за клучеви и мало џебно огледало.
Иако предизвика бројни негативни коментари, производот е распродаден, а заинтересираните купувачи можат да се пријават на листата на чекање.
Откако календарот пристигнал кај купувачите, на социјалните мрежи почнале да се шират видеа од нивните реакции при отворањето. Едно од нив, објавено на 5 ноември, досега има повеќе од 63 милиони прегледи.
View this post on Instagram
Меѓу оние кои не го криеле разочарувањето била и инфлуенсерката Кајла Рајан, која за време на снимањето порачала:
„Се надевам дека ова е некаква шега и дека во последното прозорче има ваучер од 150 долари за да си ги добијам сите пари назад“.
Една корисничка на Threads се пошегувала на сметка на содржината, споредувајќи ја со ситниците што со месеци се собираат на дното од чантата.
„Не можам да поверувам дека со месеци на дното од чантата го носам адвент-календарот на Skims. Какво изненадување“, напишала таа.
Бројните коментари се однесувале токму на цената, за која купувачите сметаат дека е превисока во однос на добиените производи.
„Токму гледав девојка на ТикТок како го отвора адвент-календарот на Skims и навистина се чувствувам навредено. 148 долари за ова?! Не можам да поверувам дека Ким ставила неколку ластичиња за коса, штипки и приврзоци во кутија, залепила натпис SKIMS на неа и очекувала луѓето да се преправаат дека станува збор за луксуз. Таа кутија не вреди ниту 20 долари. Да бидеме реални“, напишала една корисничка.
На други особено им пречело тоа што во празничниот пакет на бренд познат по облеката и долната облека немало ниту едно парче облека.
„Тоа што Skims, кој е бренд за облека, не ставил ниту едно парче облека во својот божиќен адвент-календар е навистина апсурдно и смешно. 150 долари за шноли, ластичиња за коса и божиќни украси. Вау!“, порачала друга корисничка.
Покрај критиките, на социјалните мрежи се појавија и бројни шеги на сметка на содржината на календарот.
„Адвент-календарот на Skims изгледа како нешто што би го пронашла на подот кога би ја оддалечила рамката од креветот од ѕидот“, напишала една личност, додека друга додала:
„Уф. Мојата мачка го виде адвент-календарот на Skims и сега не престанува да зборува за него“.
Сепак, не сите застанале на страната на незадоволните купувачи. Некои корисници истакнале дека содржината на календарот била однапред наведена во описот на производот на официјалната веб-страница, поради што сметаат дека купувачите можеле да знаат што нарачуваат.
„Ако содржината била однапред наведена, а вие го игнориравте описот, потрошивте 148 долари и потоа се однесувавте како целосно да сте изненадени од она што сте го добиле, тогаш дел од одговорноста е и ВАША“, гласел еден од коментарите.
foto: printscreen/instgaram/kimkardashian





