Роден битолчанец кој почна да се пробива со своите локални живи музички настапи, потоа како соло пејач со сопствени песни, но пошироката јавност заедно со Александар Тарабунов го запозна по успешните настапи во регионалното музичко талент шоу „Music Idol“ кое во 2009 година се одвиваше во соседна Бугарија, но во него учествуваа и македонски пејачки таленти.

Заедно со Тара, симпатичниот „дебелко“ стигна до самото завршница каде во финалето конечно не победи, но остана запаметен по своите извонредни вокални способности и одличниот сценски настап.
Во тоа многу ќе му помогне и неговата „втора“ професија, актерството, зашто не само пејач, туку Бојан Стојков е познат и како актер во дел од аматерските театри или хумористични проекти („Соллзи и смеа“, „Празни муабети“ „Деларте“) од Битола.

Она што по завршувањето на бугарскиот „Идол“ му ја одбележа кариерата, но и приватноста на битолчанецот, беше љубовната врска со колешката од талент шоуто, бугарската пејачка Соња Мембрено која потраја и по завршувањето на шоуто. Водеа паралелна љубовно-музичка кариера, дури и снимија заедничка дует песна („Има ли надеж“) која ја испејаа на „Макфест“…

Песната остана, но не и нивната љубов, која не успеа да опстане, па секој замина на своја страна. Таа сега некаде по Америка, нашиот пејач во својата родна Битола каде потоа станува дел од екипата на единственото вистинско кабаре во Македонија – „Голд Фелиција“ каде настапува и како актер и како пејач.

Она што беше карактеристично за него е што ги менуваше професиите, малку актер, малку пејач, но физичкиот изглед на „симпатичен буцко“ постојано остануваше…

Токму затоа е шокантна неговата физичка метаморфоза, неговата трансформација до непрепознатливост, во која „шармантниот дебелко“ Бојан Стојков е престорен во набилдан маж, кој тешко дека ќе го препознаете од прва, дури и ако претходно го познавате, а камоли ако само онака попатно на него се сеќавате!?

Стомакот исчезнал, повеќе го нема, килограмите стопени, салото претворено во мускули, додека онака набилдан пее во бела „рамбовка“ за миг ќе ви се пристори небаре пред себе го гледате Фреди Меркјури!

Едноставно Бојан Стојков како да е друг човек, како да е ново момче! Не само физички извајан, туку вака видно ослабен изгледа дури и мошне подмладен. Како да го пронашол еликсирот на младоста, па годините да ги вратил назад.

Заедно со новиот телесен изглед и подмладениот лик, оди и новиот имиџ, нова фризура потстрижана на „кец“!

Во секој случај, ем поестетски, ем пофраерски, но секако и многу поздраво.

Сега Бојан Стојков само треба да внимава да не го расипе постигнатиот ефект, па како кај многумина, да не му се случи познатиот „јојо ефект“!

Фото: YouTube принтскрин/Instagram и Facebook/Bojan Stojkov







